ГОЛЕМ СКАНДАЛ ЈА ТРЕСЕ АРМИЈАТА НА САД – Со години високи функционери испраќале доверливи информации на погрешна адреса во Африка !?
Милиони електронски пошти (е-маил) на американската војска биле случајно упатени во земјата Мали, откривајќи многу чувствителни информации и покрај предупредувањата дека такво нешто може да се случи.
Наместо да ја пишуваат наставката .MIL за сите адреси на е-пошта на американската војска, некои погрешно напишале .ML што е домен за африканската земја Мали. Американските медиуми јавуваат дека резултатот од таквата грешка е постојан проток на чувствителни информации кои се испраќаат во Мали.
Една од погрешно упатените пораки ги содржела плановите за патување на началникот на Генералштабот на американската армија Џејмс Меконвил, наведени броеви на соби за него и 20 други соработници, маршрутата на генералот и детали за земање клучеви во хотел во Џакарта.
Пред десет години, холандскиот интернет експерт Јохан Зурбиер прв предупреди за овој проблем. Јохан Зурбиер потпиша 10-годишен договор во 2013 година за управување со државниот домен на Мали, кој е пред истекување, а во последниве месеци собира погрешно насочени електронски пораки за да ја истакне сериозноста на проблемот пред Владата.
„Ризикот е реален и би можел да го искористат противниците на САД“, пишува експертот во писмото.
Владата на Мали, имено, одржува блиски врски со Русија. Сега ќе ја преземе контролата на доменот, а со тоа и на погрешно адресираните пораки. Јохан Зурбиер вели дека разговарал со неколку владини претставници. Кога ја презеде контролата врз доменот Мали во 2013 година, веднаш забележал барања за army.ml и navy.ml. Адвокатите го советувале за се да ги информира американските власти, но немало резултати.
Од речиси 120.000 електронски пошти што ги собрал само во последните неколку месеци, ниту една не била означена како доверлива, повеќето биле означени како спам.
Чувствителните информации споделени во овие пораки вклучуваат рендгенски снимки и други медицински податоци, информации за лична идентификација, списоци на екипажот на воени бродови и персонал во воената база, даночни и финансиски евиденции, фотографии од базата, извештаи од инспекција, кривични пријави против персоналот и внатрешни истраги за злоупотреба.
Фактот што тие ги вклучија официјалните планови за патување и резервациите, потенцијално ги изложија на ризик службениците кои патуваат во странство доколку информацијата дојде во погрешни раце.
„Ако имате ваков постојан пристап, можете да генерирате разузнавачки информации дури и само од некласифицирани информации“, изјавил пензионираниот генерал Мајк Роџерс за Financial Times.
Потполковникот Тим Горман, портпарол на Пентагон, за американскиот весник изјавил дека Министерството за одбрана на САД е свесно за проблемот и го сфаќа сериозно. Ваквите пораки, вели тој, ќе бидат блокирани пред да го напуштат доменот .MIL, по што испраќачот ќе биде известен дека мора да ја потврди адресата на е-пошта на внатрешниот примач.
Преписката на агент на ФБИ кој се обидел да испрати шест пораки до морнарицата, но наместо тоа ги испратил во Мали, исто така отишла на погрешна адреса. Итно дипломатско писмо од турската амбасада до Стејт департментот за можни операции на милитантната Курдистанска работничка партија против турските интереси во САД, исто така, залутала.
Меѓутоа, не погршила само американската војска. Проблеми со испраќањето имаа и Холанѓаните кои имаат .NL домен, а поради типфелерите пораки се праќаа и во Мали.