Францускиот уставен суд денес пресуди дека на локалните политичари може да им се забрани да извршуваат политички функции доколку се осудени за кривично дело, пренесува Ројтерс.
Ова ја отвора можноста дека лидерката на екстремната десница Марин Ле Пен потенцијално би можела да биде исклучена од претседателската трка во 2027 година, доколку биде осудена во случајот за проневера што завршува во понеделник.
Ле Пен, која води на анкетите за претседателските избори во 2027 година, ги обвини обвинителите дека бараат нејзина „политичка смрт“ барајќи од судиите да ја забранат од политичкиот живот на пет години доколку биде осудена.
Ако на Ле Пен и се одобри забрана наречена „привремено извршување“, која ќе стапи во сила веднаш дури и ако поднесе жалба на пресудата, нема да и биде дозволено да се кандидира на изборите во 2027 година.
Во својата одлука, судот наведе дека „привременото извршување“ на казната забрана за вршење функција не ги повредува правата како слободата на изразување и затоа е законито.
Во случајот на Ле Пен, обвинителите побараа судиите веднаш да наметнат петгодишна забрана без оглед на можна жалба, преку истото „привремено извршување“.
Привремената забрана нема да резултира со смена на Ле Пен од пратеничката фотелја до крајот на нејзиниот мандат, но ќе ја спречи да се кандидира на нови избори.
Ле Пен и уште неколку членови на партијата се обвинети дека пренасочиле повеќе од три милиони евра од средствата на Европскиот парламент за да ги платат вработените кои работеле за партијата во Франција.