Горан Иванишевиќ за Новак Ѓоковиќ: „Ние сме лути кога понекогаш ни вика без причина, понекогаш дури и нè мачи…“
АТП одлучи да го вклучи во потесниот круг за најдобар тренер во сезоната Горан Иванишевиќ, тренерот на Новак Ѓоковиќ, кој освои три Грен слем турнири годинава, како и завршниот Мастерс во Торино под неговата „диригентска палка“.
Горан Иванишевиќ поради номинацијата зборуваше за својот најдобар пријател Новак Ѓоковиќ.
Малку го опиша со шеговит тон, но доволно „остар“ за подобро да разбереме каков е Новак.
– Каков е Новак? Би го опишал како директор на корпорација. Успесите го издвоија од другите, но тој зависи од профитот. Како што загубите влијаат на компанијата, така и на него. Ако изгуби, неговиот удел на пазарот паѓа и тој паѓа на скалата. И Ѓоковиќ, како и секој врвен тенисер, тешко ги поднесува поразите – вели Иванишевиќ.
Поранешниот хрватски тенисер потоа објасни како Новак се однесува кога резултатите не се добри.
– Со него не е лесно, особено кога работите не одат по неговиот план. Еднаш три дена ни стави лисици, не мачеше и ни ги вадеше ноктите… Има многу работи за кои не можам да зборувам. Но, еве сме, уште сме живи. Моето срце е уште добро. Иако, јас сум веќе стар човек и треба повеќе да се грижам за него.
Тој истакна и дека му се восхитува на Новак за сè што направил.
-Постојано работи да биде подобар. Ова е добра и лоша работа за мене како тренер, но и за остатокот од тимот. Значително ги подобри волејовите, генерално многу ја подобри играта на мрежата. Тешко е да се помине, а порано не беше така. Сега знае што прави понатаму. Многу, многу посилно го удира форхендот – истакнува Иванишевиќ, кој откри и зошто му е лут.
– Му се лутам само ако понекогаш ни вика без причина, но знам дека не му е лесно да се справи со пораз. Се бори со себе. Разбирам дека не му е лесно да се мотивира бидејќи веќе освоил сè, но секогаш успева да најде мотивација