Готово е! Четиридецениската војна за независност падна во вода! Лидерот на ПКК Абдула Оџалан ги повика сограѓаните Курди да го остават оружјето и да се распуштат!

По 40 години борби и бунт против Турција, лидерот на Курдистанската работничка партија (ПКК) од турски затвор ги повика своите симпатизери, поддржувачи и борци за независен Курдистан да го положат оружјето.

Лидерот на Курдистанската работничка партија (ПКК), Абдула Оџалан, побара од членовите на забранетата курдска група да го положат оружјето и засекогаш да ја распуштат организацијата.

Во долгоочекуваната изјава што ја прочитаа пратениците на прокурдската Партија за слобода и демократија на народот (ДЕМ) во четвртокот во Истанбул, затворениот водач на ПКК рече дека групата „ја завршила својата работа и дека е време да се распушти“.

„Во текот на историјата што се протега над 1.000 години, Турците и Курдите отсекогаш сметале дека е неопходно да останат во сојуз, со доминантно доброволен аспект, со цел да се задржат и да преживеат против хегемонистичките сили“, напиша Оџалан, според Euronews.

– Во климата создадена од повикот на (лидерот на Партијата за националистичко движење) Девлет Бахчели, волјата што ја покажа претседателот (Реџеп Таип Ердоган) и позитивните пристапи на другите политички партии, повикувам на положување на оружјето и преземање на историска одговорност за овој повик – заклучи тој.

Претходно во четвртокот, високи претставници на ДЕМ се состанаа со Оџалан како дел од обновените мировни напори меѓу Анкара и ПКК.

Повикот потенцијално може да стави крај на конфликтот кој трае повеќе од четири децении и однесе десетици илјади животи.  Оџалан (75) е затворен на островот Имрали во близина на Истанбул од 1999 година, откако беше осуден за предавство.

И покрај неговото апсење, тој продолжи да има значително влијание врз ПКК. Се очекува раководството на групата да го послуша повикот на Оџалан, иако некои фракции во групата би можеле да се спротивстават, велат аналитичарите, пренесува Euronews.

Основана од Оџалан во 1978 година, ПКК го води бунтот во југоисточна Турција од 1984 година. Турција и нејзините западни сојузници ја сметаат групата за терористичка организација.

Претходните мировни напори со ПКК завршија со неуспех – последниот во 2015 година.

women-vojskakurdi.jpg

Да потсетиме дека еден од најпознатите ограноци на ПКК е оној во Сирија, попознат како ЈПГ, како и СДФ. Дали сириските Курди ќе го прифатат повикот на Оџалан и, по 13 години борба против Турција и ИСИС, на крајот ќе се откажат од својата автономија во североисточна и источна Сирија, останува да се види, но според сите сметки, тие немаат многу избор. 

На крајот ќе се согласат на договор со Анкара и Дамаск, во спротивно ќе следи уште едно големо крвопролевање, што може да ги чини Курдите, особено во Сирија, а долгорочно во Ирак, опстанок во тие области, па дури и да доведе до нивна целосна асимилација или исчезнување.