Го обвини Израел за геноцид – германскиот клуб го суспендираше

Холандскиот фудбалер и член на Мајнц, Анвар Ел Гази е суспендиран од германскиот клуб.

Ја поддржуваше Палестина, а израелските напади во Газа ги нарече геноцид.

28-годишникот во понеделникот вечерта на Инстаграм напиша статус во кој понуди недвосмислена поддршка за Палестина.

„Ова не е војна. Кога едната страна ќе ја исклучи водата, храната и струјата на другата, тогаш тоа не е војна. Кога едната страна има нуклеарно оружје, тоа не е војна. Кога едната страна е финансирана со милијарди долари, тогаш тоа не е војна. Кога една страна користи слики со вештачка интелигенција за да шири дезинформации за друга, тогаш тоа не е војна. Кога социјалните медиуми ја цензурираат содржината на едната страна, а не на другата страна, тогаш тоа не е војна. Ова не е конфликт и не е војна. Ова е геноцид и масовно уништување и ние сме сведоци дека тоа се случува во живо. Од реката до морето, Палестина ќе биде слободна“, напиша Ел Гази .

Ел Гази ја избриша оваа објава, но тоа не го спаси од суспензија од клубот.

„Ел Гази зазеде став за тековниот конфликт на Блискиот Исток кој клубот го смета за неприфатлив. Пред да ја донесат оваа одлука, клубот и играчот се вклучија во детална дискусија. Мајнц го почитува фактот дека постојат различни перспективи за деценискиот , комплексен конфликт на Блискиот Исток. Сепак, клубот се оградува од содржината на објавата на социјалните мрежи за која станува збор, бидејќи тоа не е во согласност со вредностите на клубот“, објави Мајнц .