ГО ОСУДИЈА БОМБАРДИРАЊЕТО НА ГАЗА: Саудиска Арабија одби евакуација од Газа

Саудиска Арабија во петокот објави дека „категорично“ отфрла какво било раселување на населението во Газа, осудувајќи го бомбардирањето на „беспомошните цивили“, што е нејзина најжестока критика на Израел од нападот на 7 октомври што го започна Хамас против Израел.

Ријад „изјавува дека категорично ги отфрла повиците за принудно раселување на палестинското население од Газа и го осудува континуираното бомбардирање на беспомошни цивили“ на територијата, се вели во соопштението на саудиското Министерство за надворешни работи.

Израелската армија денеска им нареди на стотици илјади цивили кои живеат во градот Газа да ги евакуираат своите домови пред можна израелска копнена офанзива.

Наредбата дојде откако ОН ја објавија и критикуваа израелската најава за можна евакуација на 1,1 милион луѓе од северниот дел на Појасот Газа.

Воената наредба, издадена на седмиот ден од војната по смртоносниот напад на Хамас врз Израел, побара од жителите на градот Газа да избегаат подлабоко во јужниот дел на Појасот.