ГО “ПОНИЖУВАШЕ“ ДОНАЛД ТРАМП, А СЕГА ГО ПРАВИ ИСТОТО – Џо Бајден одобри изградба на дополнителен ѕид на границата со Мексико, а во кампањата го ветуваше спротивното
Администрацијата на претседателот на САД, Џо Бајден, ќе изгради уште еден дел од ѕидот на границата со Мексико, во јужен Тексас, во обид да се справи со зголемувањето на имиграцијата.
Околу 32 километри од ѕидот ќе биде изграден во округот Стар, долж границата со Мексико, каде што голем број мигранти ја минуваат границата, јавува BBC.
Изградбата на граничен ѕид беше една од политичките одлуки на претходниот претседател Доналд Трамп, на која жестоко се спротивставија демократите на Џо Бајден.
За потсетување, во 2020 година, Џо Бајден вети дека нема да гради дополнителен ѕид доколку биде избран за претседател.
Набргу по преземањето на функцијата, неговата администрација издаде проглас во кој се наведува дека изградбата на ѕид преку јужната граница не е сериозно политичко решение.
Сепак, зголемениот број на нелегални гранични премини уште еднаш го постави прашањето пред носителите на политички одлуки.
Според владините податоци годинава се направени над 245.000 премини, а септември се очекува да биде рекорден месец во овој поглед.
Царината и граничната заштита на САД синоќа објавија дека во најновиот потег се користат средства кои се веќе доделени за граничната бариера.
„Конгресот одвои средства од 2019 година за изградба на граничната бариера во долината Рио Гранде, а ДХС е обврзана тие средства да ги искористи за нивна намена“, се вели во соопштението.
Според американскиот предлог за царина и гранична заштита, бариерите ќе се состојат од големи столбови вградени во бетонска основа, како и порти, камери и опрема за видео надзор.
„Во моментов има акутна, итна потреба да се изградат физички бариери во близина на границата со САД за да се спречи нелегален влез“, изјави Алехандро Мајоркас, секретар за домашна безбедност на САД.