– По повод најголемиот христијански празник, Христово Воскресение – Велигден, честитка до верниците упатија градоначалникот на Пустец, македонското друштво „Илинден“-Тирана и партијата Македонска алијанса за европска интеграција, МАЕИ.
– Од мое и од име на Советот и општинската администрација честитки до сите православни верници за најголемиот и најзначаен празник Христовото Воскресение. Ви посакувам честит и благословен Велигден, мир, здравје, радост, благосостојба, хармонија, наведува во честитката градоначалникот на Пустец, Пали Колефски.
Честит и вековит Велигден на православните верниците во „Република Албанија, во матичната земја Македонија и во целиот свет“ им посака македонското друштво „Илинден“-Тирана.
-Како православни верници, Велигден нè потсетува на моќта на Христовото Воскресение, а во нас ја буди надежта која очајно ни е потребна во нашите животи, за нашите работни места, за нашите семејства, за нашата иднина. На Велигден, нашите мисли и срца се со луѓето на кои им е најпотребна помош, со оние кои се чувствуваат осамено, со оние кои ја изгубиле надежта и вербата за подобра иднина. Верата Христова нѐ учи да делиме и споделуваме. Затоа, на Велигден отворете ги домовите и срцата за вашите сакани, но и за оние кои имаат помалку од вас, стои во честитката потпишана од претседателот на „Илинден“-Тирана, Никола Ѓурѓај.
И единствената македонска партија во Албанија, МАЕИ упати искрени честитки по повод Велигден.
-Чествувањето на Празникот над празниците, Христовото Воскресение Велигден е дел од нашето духовно и национално богатство. Ви посакуваме достојно празнување на овој светол ден, кој е темел на нашата вера и не учи на заедништво, да си помагате еден со друг и да го почитувате семејството и блиските и да ја имате силата која ви ја дава верата. Христос Воскресна, навистина Воскресна! Нека е честит и за многу години, пишува во честитката МАЕИ.