Граѓаните бараат признание за тинејџерот кој спаси 21 живот: Јован е херој од ,,дискотеката на смртта” (фото)

Јован Костадинов од Виница е еден од хероите на големата трагедија што ја погоди Северна Македонија, кога во неделата во мугрите избувна пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани при што загинаа 59 лица, а речиси 200 беа повредени.

Голем придонес во спасувањето на повредените даде младиот Јован (19) кој во моменти на хаос, страв и паника успеа да влезе во дискотеката и да спаси 21 млад човек.

Во многу објави на социјалните мрежи, граѓаните му се заблагодаруваат на Јован, за кого велат дека е „тивкиот херој“ на драмата што ја обви цела Македонија во темнина, му се восхитуваат и ги повикуваат властите да му доделат орден за храброст.

„Беше надвор за време на пожарот, успеа да најде вода во близина, ја натопи маицата која ја стави на лицето и без двоумење влезе внатре низ страничната соба за да спаси луѓе“, се вели во една од објавите на социјалните мрежи.”

Една од мајките на детето повредено во пожарот јавно му се заблагодари на Јован, пишувајќи:

„Во најтемните моменти на паника и хаос, кога сите беа збунети и исплашени, Јован се појави како светилник на надежта. Без размислување го зеде син ми кој беше под урнатините на дискотеката и го носеше на грб низ оган и чад, сè до болницата во Кочани, за да го спаси, додека сите околу него трчаа и се бореа за живот.”

Многу граѓани кои го познаваат Јован го опишуваат како херој кој си го ризикувал животот за да ги спаси другите и се моли за негова благосостојба, бидејќи е хоспитализиран на Токсикологија поради вдишување чад и е во стабилна состојба.

Министерот за здравство Арбен Таравари претходно денеска најави дека постхумно ќе му оддаде почит на возачот на брзата помош Иле Гочевски, кој откако деноноќно им пружи помош на повредените во дискотеката „Пулс“, отиде дома да се одмори, но не се разбуди. Починал во сон. Гочевски трагичниот ден 11 пати возел од Кочани до Скопје.

„Тој ден имаше вонредна состојба, сите работевме повеќе од 20 часа. Немам информации колку часа работел возачот, но дека направил огромна работа во транспортот на пациентите е непобитно. Како министер за здравство планирам да му се јавам на неговото семејство. Планирам постхумно да му оддадам чест следната недела“, рече Таравари.