Вкупно 38 отсто од граѓаните на Европската унија (ЕУ) се загрижени дека нема да можат да си ги платат сметките, додека 35 отсто стравуваат дека нема да можат да си дозволат храна, покажуваат истражувањата.
Во извештајот, објавен од Европската комисија (ЕК), се наведува и дека 74 отсто од испитаниците се изјасниле дека е намалено пакувањето на производите, а 52 отсто сметаат дека стоката е со послаб квалитет и покрај тоа што нема промена на цената.
Кога станува збор за онлајн купување, граѓаните на ЕУ имаат 60 отсто поголеми шанси да доживеат проблеми отколку ако купуваат исти производи во продавници.
На пример, 26 отсто од луѓето рекле дека наишле на проблеми кога купувале преку Интернет и сметале дека имаат легитимни причини да се жалат, во споредба со 16 отсто од купувачите во продавниците.
Во исто време, во истражувањето се наведува дека трендот на купување преку Интернет продолжил и дека сега 76 отсто од сите купувања се вршат преку Интернет.
Дополнително, 93 отсто од онлајн купувачите изразија загриженост за персонализираното рекламирање, 71 отсто стравуваат од собирање на нивните податоци без согласност, 63 отсто се спротивставија на неможноста да се откажат од персонализацијата, а 67 отсто изразија загриженост за прекумерното рекламирање.
Речиси 45 отсто од потрошувачите пријавиле дека биле измамени преку Интернет, додека многу потрошувачи доживуваат нефер практики, вклучувајќи лажни критики 66 отсто и погрешни попусти 61 отсто.
Сепак, поголемиот дел од потрошувачите, 68 отсто од нив, веруваат во безбедноста на производите што ги купуваат и малкумина пријавиле проблеми.
При купувањето на неисправен производ, 40 отсто од испитаниците го замениле за нов, додека 35 отсто од потрошувачите се одлучиле за поправка, а девет отсто за купување друг од продавниците за користени производи.
Истражувањето покажа и дека 43 отсто од граѓаните на ЕУ одлучуваат за производите врз основа на нивното влијание врз животната средина.