Граѓаните на Македонија и Косово наскоро ќе ја поминуваат границата со една контрола

„Со овозможување на мали градежни зафати коишто ќе овозможат проширување на влезовите кон Македонија, ќе создадеме соодветни услови и влезот кон Косово од моментални три кабини да овозможиме шест “, додаде министерот Тошковски

Министерот за внатрешни работи на Северна Македонија, Панче Тошковски, заедно со вицепремиерот Изет Меџити и министерот за внатрешни работи на Косово Џелал Свечла, на граничниот премин „Блаце“ извршија увид во финализирањето на инсталација на техничките системи и компоненти за наскоро да може да почне тест периодот на системот „One Stop Shop“ кој што треба да овозможи побрз премин на граѓаните кои ја минуваат границата меѓу Македонија и Косово, пренесува Анадолу.

„Констатиравме дека сета опрема од технички аспект којашто треба да се имплементира и инсталира е во фаза на инсталација и започнуваме со подготовки на вмрежување на двата системи. Имавме можност да видиме како тоа ќе функционира технички во рамки на една единствена платформа. Информациите ќе се споделуваат меѓу двете министерства со цел да овозможиме со констатација на само еден полициски службеник косовските граѓани да влезат во Македонија и македонските граѓани да влезат во Косово преку контрола од страна на еден полициски службеник“, рече министерот Тошковски, се наведува во соопштението испратено од МВР.

Тој додаде дека секоја држава ќе го штити својот влез.

„Со овозможување на мали градежни зафати коишто ќе овозможат проширување на влезовите кон Македонија, ќе создадеме соодветни услови и влезот кон Косово од моменталните три кабини да овозможиме шест позиции“, додаде министерот Тошковски.

Тошковски образложи дека во имплементирањето на системот „One Stop Shop“ за побрз пропуст на патници и стоки најдалеку во имплементирањето е стигнато со Косово, а во блиска иднина ќе следуваат и имплементации на границите со Србија и Албанија.

Вицепремиерот Меџити изјави дека граѓаните на двете земји ќе имаат директна корист од оваа соработка, „особено Албанците од Косово и Македонија, кои се тесно поврзани на културно, јазично и семејно ниво“.

Тој додаде дека ова е заедничко достигнување на владите на Македонија и Косово, договорено на последната меѓувладина средба во Приштина, што ќе има директно влијание врз животот на граѓаните и врз зајакнувањето на регионалната соработка.