Грковска: Ќе побарам од директорката на ФЗОМ да одговори на прашањата на јавноста

Криењето не е решение. Граѓаните имаат право да бидат информирани во секој момент, да знаат што се случува, затоа што повторно ќе кажам, податоците и информациите припаѓаат на граѓаните, не на институциите, изјави вицепремиерката за политики за добро владеење, Славица Грковска.

На новинарско прашање во врска со транспарентноста на двајцата директори на Фондот за здравствено осигурување, вицепремиерката рече дека ќе побара од директорката Магдалена Филиповска Грашкоска да излезе во јавноста и да одговори на прашањата во врска со хакерскиот напад на веб-страната на ФЗОМ.

– Ова што се случува е ново за сите нас, за најголемиот дел од нас и претпоставувам дека не сите подеднакво и успешно се снаоѓаат во ваква ситуација. Во секој случај, сметам дека секоја институција која што е под хибриден напад, која што е под сајбер закана, има обврска да излезе јавно да ги информира граѓаните за статусот, за тоа што се презема од страна на институцијата за заштита и враќање на податоците и информациите на што и да е под хибриден напад, рече таа.

Според вицепремиерката, алоцирањето на буџетски средства за кибер заштита не е луксуз, туку инвестиција.

– Жал ми е што во ситуација кога сме во хибридна војна, институциите стануваат свесни колку е таква инвестиција потребна, а дека не е луксуз, рече таа.