Груби со години ја крадел државата, а негов соучесник бил Ковачевски, СДС и ДУИ знаеле, велат од ВМРО

Артан Груби со години ја крадел државата, а за тоа знаеле и СДС и ДУИ и МВР под водство на Оливер Спасовски.Сите знаеле за матните зделки, тендерите во четири очи, влијанието врз судството, криминалот и корупцијата и молчеле. Молчеле само поради една причина, а тоа е да не падне владата и да опстане коалицијата СДС- ДУИ, обвини ВМРО-ДПМНЕ.

„Димитар Ковачевски му бил соучесник во криминалот на Артан Груби. Оливер Спасовски и МВР, исто така, знаеле за криминалот на Груби и не реагирале. Молчеле и не реагирале, со години немало никаква реакција од институциите под раководство на СДС и ДУИ. Само за да опстане коалицијата ден повеќе на власт и да продолжат криминалните зделки и богатењето на грбот на граѓаните.

СДС се виновни за ширењето на криминалот и корупцијата на ниво на пандемиски рамери. СДС се виновни за грабежот на Груби поради тоа што знаеле и имале можност, но не го спречиле од лукративни причини. Во СДС ништо не се менува и ден денес истите луѓе на Заев, Ковачевски, а сега Филипче повторно се таму. Истиот профил и ментална матрица на луѓе кои не носат нови, свежи и иновативни идеи за просперитетна иднина, туку се заглавени и испреплеткани во лавиринтите од минатото.

СДС наместо да спинува и да ја манипулира јавноста со евтини трикови, да се засрами затоа што функционери од СДС шурувале со криминални банди и структури и да го повика Груби да одговори пред правдата. Нема повеќе место за криминалци во политиката, време е за одговорност и посветеност, нешто што беше реткост да се види изминатите години“ порачаа од владејачката партија.