Група хакери се огласи по жестокиот напад: Се обидуваат да изнудат пари, Русите ја презедоа одговорноста
Хакерска група наречена „Килин“ , за која се верува дека дејствува од Русија ,
ја презеде одговорноста за сајбер нападот врз јапонскиот производител на пијалоци Асахи Груп , објави Кјодо, повикувајќи се на денешната изјава на анонимен извор запознаен со сајбер безбедноста .
Хакерите тврдат дека украле околу 9.300 датотеки, или приближно 27 гигабајти податоци, вклучувајќи интерни документи и информации за вработените.
„Тие најверојатно не успеаја да изнудат пари преку директни преговори со групацијата Асахи, па сега се обидуваат да го зголемат притисокот со објавување на украдените документи“, рече Јукими Сота, претставник на јапонската филијала на американската фирма за сајбер безбедност „Проупоинт“.
Според експертите, „Qilin“ користи злонамерен софтвер кој ги криптира податоците и бара откуп за да ги отклучи (ransomware).
Јапонскиот производител на пијалоци во понеделникот соопшти дека го рестартирал производството во своите домашни пиварници, но останува нејасно кога сите системи ќе бидат целосно обновени, а испораките на производи остануваат отежнати.
На 29 септември, „Асахи груп“ ги прекина операциите во Јапонија и ја запре обработката на нарачки, испораките и работењето на кол-центарот откако хакерски напад предизвика прекин на системот, а акциите на компанијата паднаа за 4 проценти по веста за нападот.
Нападот врз Асахи е дел од поширок бран сајбер напади врз глобални компании . Во
Велика Британија, производителот на луксузни автомобили „Јагуар Ленд Ровер“ мораше да го прекине производството минатиот месец, а претходно беше нападнат и трговскиот синџир „Маркс енд Спенсер“.