– Претседателскиот декрет за распуштање на Парламентот синоќа кусо по 20 часот по локално време беше закачен на влезната врата на грчкиот Парламент, со што и официјално започна предизборниот период во Грција во пресрет на изборите на 21 мај, јави дописничката на МИА од Атина.
Претседателскиот декрет потпишан од претседателката Катерина Сакеларопулу и премиерот Кирјакос Мицотакис и објавен во Службен весник предвидува новиот парламентарен состав што ќе произлезе од изборите, првата седница да ја одржи на 1 јуни.
Почетокот на предизборниот период донесе и промени во владиниот состав на позицијата портпарол и позицијата министер за внатрешни работи.
Од грчката Влада вчера соопштија дека професорката Калиопи Спану, која беше и народен правобранител, ќе биде вршител на должност министерка за внатрешни работи во предизборниот период, а попладнево ќе положи свечена заклетва.
Досегашниот владин портпарол Јанис Иконому, кој ќе биде кандидат за пратеник ја напушти позицијата, а на негово место дојде државниот министер Акис Скерцос.
Првиот чекор за означување на почетокот на четиринеделниот предизборен период во Грција беше вчерашната средбата на Мицотакис со Сакеларопулу, на која грчкиот премиер ѝ достави на претседателката акт потпишан од министрите од Владата со кој, согласно Уставот, предложи распуштање на Парламентот и одржување парламентарни избори.
Мицотакис порача дека од недела наутро „официјално часовникот ќе одбројува за изборите на 21 мај“, посочи дека Владата практично го исцрпи четиригодишниот мандат, нешто за што самиот се обврза од почетокот и истакна дека „изборите се голем празник на демократијата“.
И премиерот и претседателката на Грција изразија желба предизборниот период да донесе плодна дискусија.
Веднаш по средбата со Сакеларопулу, Мицотакис им се обрати на граѓаните и во пет и пол минутната видео порака се осврна на најважните теми од четиригодишниот мандат, но и на најголемите проблеми и предизвици со кои Владата се соочи, а паралелно ги спомена и приоритетите за во иднина.
Порача дека „политичката стабилност станува национална неопходност, а напредокот е единствениот пат за земјата“.
Парламентарните избори во Грција ќе се одржат на 21 мај 2023 година, за првпат по новиот систем на пропорционална застапеност во Парламентот и распределувањето на 300 пратенички места.
Новиот систем, што ќе важи само за овој изборен процес не предвидува бонус од 50 пратеници за партијата победник на изборите, па така, согласно досегашните анкети и рејтинзите на партиите ќе биде особено тешко да се формира еднопартиска Влада и голема е веројатноста земјата да оди на втори избори на почетокот на јули.