– Илјадници лекари и здравствени работници ја напуштија Грција поради неповолните плати и услови за работа, изјави денес синдикалниот лидер, повикувајќи ја Владата да преземе итни мерки за да го запре трендот што ќе го ослабне секторот за јавно здравје.
Михалис Гианакос, претседател на Федерацијата на вработени во државните болници (ПОЕДН), за телевизиската мрежа МЕГАТВ изјави дека 10.000 здравствени работници го напуштиле грчкиот јавен здравствен систем во последните две и пол години.
Потешките услови за работа на лекарите поради недостиг на персонал и ниските плати, Гианакос ги наведе како главни причини за напуштање на јавниот здравствен сектор и заминување во странство каде што се платени многу повеќе.
Како резултат на тоа, рече тој, многу болници станале реферални центри, неспособни да се справат дури и со едноставни здравствени проблеми на пациенти.
„Доколку условите не бидат значително и веднаш подобрени, овој тренд ќе продолжи“, предупреди тој.
Теодорос Василакопулос, виш експерт за интензивна нега на Универзитетот во Атина, изјави дека особено е загрижувачка состојбата на здравствениот систем на островите поради приливот на туристи и недостигот на здравствен персонал.
„Многу лекари избегнуваат да работат на островите бидејќи не можат да најдат сместување“, рече Василакопулос.