Грчките земјоделци повторно го блокираа граничниот премин Евзони кон Македонија

– Грчките земјоделци од северниот дел на земјата и вечерва периодично го затворија граничниот премин Евзони (Богородица) кон Северна Македонија за сообраќај на сите возила.

Блокадата започнала во 19 часот по локално, односно 18 часот по македонско време, а според информациите на дописничката на МИА од Атина, земјоделците исто како и вчера затворале околу 20 минути, а потоа дозволувале да поминуваат возила за да не се создадат редици и доцнења.

Според истите информации, блокадата траела околу час и половина.

Грчките земјоделци по одржаниот масовен протест синоќа во Атина, најавија дека дополнително ќе одлучат кои ќе бидат нивните следни чекори, а не е исклучена можноста да продолжат со досегашните активности што вклучуваат затворања на автопати и гранични премини.