Грчките инспектори наголемо го бараат убиецот меѓу 98-те уапсени хрватски хулигани: Го сокрил ножот, но направил клучна грешка – ова се најновите детали

Грчкиот веб-портал Newsit пренесува дека истражителите се сигурни дека меѓу 98-те уапсени хулигани од Хрватска е и убиецот на 29-годишниот Михалис Кацурис. 

За време на хаосот предизвикан од навивачите на Динамо Загреб во кој до смрт беше избоден навивач на АЕК, грчките истражители соопштуваат дека убиецот оставил трага од ДНК на настраданиот млад човек.

Надлежните ја вршат идентификацијата на сите уапсени земајќи генетски материјал за да го споредат со оној пронајден на облеката на несреќниот млад човек од Елевсида.

Како што тврди Newsit, убиецот на 29-годишното момче по злосторството се погрижил да го сокрие ножот. Полициската потрага по ножот кој всушност е клучен доказ е во тек. Засега нема вести дека е пронајден. Се земаат изјави од очевидци, а се анализираат видео-снимките од местото на настанот.

Атина, Грција

За истрагата раководи Одделот за спортско насилство, а им помагаат и полициски службеници од одделението за убиства. Истиот тој Оддел бил запознаен со доаѓањето на хрватските хулигани и писмено ги известил надлежните служби за да ги уапсат и да спречат тепачка, пишува Newsit.

Во меѓувреме се огласи и тетката на Михалис Кацурис која го коментираше инцидентот во кој трагично загина нејзиниот внук.

Како ќе живееме без нашиот Михалис ? Нашето дете го избодеа со нож, го убија некаде и го оставија на земја. АЕК му беше омилен клуб, а сега и мајка му доживеа инфаркт“, изјавила тетката на убиениот навивач за соседните медиуми.

Мајката на жртвата Михалис Кацурис сама отишла во болница бидејќи се чувствувала лошо и била веднаш хоспитализирана.

Да потсетиме, грчки навивач беше избоден со нож во понеделникот вечерта во конфликт меѓу грчки и хрватски навивачи, по што им подлегнал на повредите во болница.

Владата соопшти и дека хрватската амбасада во Атина е во постојан контакт со грчките власти во врска со 80-те приведени хрватски државјани.

Во вторникот, хрватскиот шампион Динамо Загреб ги осуди немирите во Атина, наведувајќи дека таквите настани не се во согласност со вредностите и етиката што ги промовираат.