Гутереш: Ниту едно решение не е возможно без воспоставување независна палестинска држава

– Генералниот секретар на Обединетите нации (ОН), Антонио Гутереш, за израелско-палестинскиот судир рече дека ниту едно решение не е возможно без воспоставување независна палестинска држава, известува Анадолу.

Гутереш се обрати на конференцијата за новинари во Каиро, каде што престојува во врска со хуманитарната криза што настана по избивањето на израелско-палестинскиот судир.

„Би сакал повторно да истакнам дека меѓународното хуманитарно право мора да се почитува. Заштитата на цивилите, исто така, е нужна. Секој напад на болница, училиште или објект на ОН е забранет и е против меѓународното право“, рече Гутереш и додаде:

„Повикувам на две итни хуманитарни акции: Хамас веднаш и безусловно да ги ослободи заложниците, а Израел веднаш да овозможи хуманитарна помош за задоволување на најосновните потреби на луѓето во Газа.“

Повикувајќи ги и двете страни на примирје, Гутереш потсети дека луѓето во Газа веќе речиси две недели немаат пристап до основните човечки потреби, како што се вода, храна и лекови.

„Ниту едно решение не е можно без воспоставување независна палестинска држава заедно покрај Израел, со заемна гаранција за безбедност, во согласност со одлуките и договорите постигнати меѓу двете страни“, заклучи Гутереш.