Чешка им нуди на работниците полесен начин да се навикнат на културата и да го научат јазикот од другите несловенски земји. И покрај тоа што сега има нова програма специјално за Македонците, најголемиот проблем севкупно на Балканот е недостигот на работна сила, па многу чешки компании не можат да го постигнат бројот на работници што им се потребни, вели Давид Чернохорски, конзул во заминување во Амбасадата на Република Чешка во Скопје
Конзулот во заминување во Амбасадата на Република Чешка во Скопје Давид Чернохорски на крајот на неговиот четиригодишен мандат во единственото интервју за македонски медиум говори за пристапниот процес на земјава кон ЕУ, но и за економската соработка меѓу двете земји и двата народа.
Чернохорски за „Слободен печат“ вели дека Република Чешка секогаш ја поддржувала и ќе продолжи да ја поддржува Македонија на нејзиниот пат до ЕУ, а како најсилен аргумент пред европската јавност ја посочува волјата на сегашната македонска Влада да ја води земјата кон ЕУ. Чернохорски магистрирал на Универзитетот за економија во Прага, а пред да се приклучи на чешкото МНР, работел како директор за маркетинг во чешка компанија, раководејќи со неколку успешни кампањи во приватниот сектор. Чернохорски течно зборува англиски и германски, зборува македонски, а Македонија за него е вториот дом.
Република Чешка секогаш ја поддржувала Македонија на нејзиниот пат најпрво до НАТО, а сега и кон ЕУ. Како ја оценувате актуелната политичка клима во земјава од денешна перспектива, имајќи го предвид фактот дека патот на европската интеграција на земјата има уште многу пречки и услови?
– Отсекогаш сме биле пријатели на Македонците и силен поддржувач на земјата да биде членка на НАТО и ЕУ. Сега веќе сте членка на НАТО, а ќе се случи и членството во ЕУ, во тоа сум сигурен. Секој европски пат има свои пречки. Чешка исто така се соочуваше со многу проблеми пред да влезе во ЕУ. Најважно е дека вреди да се соочите и да ги надминете пречките. Особено за народот, кој ќе има најголеми придобивки од членството. Не постои лесен пат што води до големи достигнувања, но понекогаш патувањето е поважно од дестинацијата. Што се однесува до сегашната македонска влада, како и претходните, се гледа дека таа има волја да ја води земјата кон ЕУ и тоа е најважно во моментов.
Чешка и Македонија имаат традиционално добри односи, силна историска и културна соработка, но како најважни се сметаат економските. Постои ли место за дополнително унапредување на економската соработка меѓу Скопје и Прага?
– Сè оди заедно. Во последните години од мојот мандат постигнавме големи достигнувања, кои доведоа до уште поблиски врски меѓу нашите земји. Да бидам конкретен, можам да спомнам три примери. Меѓу примерите за издвојување е нашата компанија „ЛОМ Праха“, која штотуку заврши со ремонт и модернизација на македонските хеликоптери. На некој начин придонесуваме за безбедноста на нашиот партнер во НАТО. Втор пример е чешката енергетска компанија „Енелех – Енелех“, која пред една година инсталираше високотехнолошки уреди за хомогенизација во РЕК Битола, што помогнаа термоелектраната да генерира стабилна количина на енергија. И, секако, третиот пример е, всушност, збир на развојна помош обезбедена од Чешка. Само во последните три години испорачавме нови болнички кревети во болницата во Штип, инкубатори и специјални светилки за доенчиња на клиниките во Чаир и во Куманово, како и ново концертно пијано „петроф“ за Националната опера и балет.
Години наназад успешно функционира Македонско-чешки бизнис-форум со околу 60-ина компании од двете земји. Има ли простор за нови чешки инвестиции во земјата?
– Дефинитивно. Една од најголемите инвестиции беше преземањето на „Сивус“ од чешката компанија „Арикома“ под холдингот „ККЦГ“, која ги поддржува младите Македонци да добијат пристојна плата и пробив во ИТ-секторот, кој е најбрзо растечки сектор во светот во моментов. Платите што можат да ги добијат овде се повеќекратно повисоки отколку во сите други сектори во оваа земја. Верувам дека со новата легислатива, која е поблиска до ЕУ, особено во однос на реформите во правосудството и изградбата на нови патишта и железници со коридорите 8 и 10, чешките компании ќе бидат уште позаинтересирани да инвестираат во земјата.
Официјална Прага од минатата година ги зголеми квотите за странски работници полесно да дојдат до работна виза вклучително и за апликантите од земјава. Каков е резултатот по ова прашање и има ли некакви олеснувања за македонските студенти што сакаат да се школуваат во Чешка?
– Секој Македонец може да студира на чешките универзитети. Ќе бидеме среќни да ги имаме, само треба да ја поседуваат соодветната документација и да аплицираат за студентска виза. Овој тип виза го правиме многу често во конзуларното одделение на нашата амбасада. Што се однесува до работните визи, чешките компании нудат добра плата и услови за работа, а Чешка им нуди на работниците полесен начин да се навикнат на културата и да го научат јазикот од другите несловенски земји. И покрај тоа што сега има нова програма специјално за Македонците, најголемиот проблем севкупно во Балканскиот Регион е недостигот на работна сила, па многу чешки компании не можат да го постигнат бројот на работници што им се потребни.
По четиригодишниот мандат поминат како дипломат во земјава, ги исполнивте ли Вашите зацртани цели со Вашата мисија овде, и според Вас, каков впечаток Ви оставија Македонците како домаќини?
– Не само што ги исполнив моите цели, туку и ги надминав. Кога првпат дојдов пред четири години, се чувствував како странец, сега кога заминувам, се чувствувам како да го напуштам мојот втор дом. Македонците се срдечни луѓе, кои секогаш се подготвени да ве пречекаат и да ви помогнат во секој случај. Пропатував низ целата земја, гледајќи ја прекрасната природа и античките градови и манастири. Уживајќи во македонската храна како салатите, ќебапите, плескавицата, батакот, џигерот и ајварот од струмичките пиперки. Дружбите со пријателите пеејќи ги песните на Игор Џамбазов, Влатко Стефановски, Владо Јаневски и други, врежаа незаборавни спомени и мигови во мојот живот. Овде стекнав многу пријатели, а и мојата помала ќерка се роди во Македонија. Не само што нема да ја заборавам оваа прекрасна земја, туку ќе се враќам одново и одново. Без сомнение го пронајдов бисерот балкански.