Британската фунта се лизна на вредноста од 1.277 долари, според која оваа недела ослабе за 0,3 отсто, а во истиот период по четврти пат падна во однос на единствената европска валута, забележувајќи вредност од 1.168 евра.
Аналитичарите велат дека минатонеделното намалување на каматната стапка на Банката на Англија (BoE) изврши притисок врз фунтата, како и очекувањата за уште едно или две намалувања пред крајот на 2024 година, објави Гардијан.
На 1 август британската централна банка одлучи да ја намали референтната каматна стапка за 25 базични поени на пет отсто, во согласност со очекувањата на пазарот.
Фунтата е на пат за својата најдолга губитничка серија во речиси една година, откако финансиските пазари ги вратија загубите по распродажбата на акциите во понеделникот.
Британската валута зајакна во првите две недели од јули, бидејќи трговците очекуваа помала политичка несигурност по убедливата победа на лабуристите на општите избори.
Лондонската берза ја заврши неделата на малку подобро ниво, а по падот од два отсто во понеделникот, индексот FTSE 100 до крајот на неделата ја врати речиси целата изгубена сума.