Галетановски успеа да ја воздигне Зоолошката градина, таа стана атрактивна за најмладите и го постигна рекордот во посетеност, а под негово раководство оваа установа доби статус на кандидат за член на Европската асоцијација на зоолошки градини и аквариуми (ЕАЗА) – статус кој го загуби по неговото заминување
Ѓорги Галетановски, поранешниот директор на скопската Зоолошка градина е единствениот пријавен на конкурсот распишан од Град Скопје за директор на јавната установа. Конкурсот трае до утре, а Галетановски потврди дека се пријавил, пренесува Мета.мк.
„Поднесов документи на огласот на Град Скопје за директор на Зоо Скопје. Се одважив и поднесувам во името на многу засегнати граѓани на Скопје и Македонија кои ми пишаа деновиве, но најмногу поради животните и моите колеги кои заслужуваат мир благосостојба и услови достојни за нив. Барам од градоначалничката Данела Арсовска и Советот на Град Скопје мандат од една година во кој тврдам и ветувам дека со моите колеги и многу општествено одговорни компании и јавни личности од државава ќе ги подобрам условите и ќе ја вратам нивната и гордоста на Зоо Скопје. Мојата визија е враќање на кандидатурата во ЕАЗА и дистанцирање на ЗОО Скопје од политички влијанија“, објави на Фејсбук, Галетановски.
Тој ја водеше скопската Зоолошка градина во периодот кога градоначалник на Град Скопје беше Петре Шилегов. Галетановски успеа да ја воздигне Зоолошката градина, таа стана атрактивна за најмладите и го постигна рекордот во посетеност, а под негово раководство оваа установа доби статус на кандидат за член на Европската асоцијација на зоолошки градини и аквариуми (ЕАЗА) – статус кој го загуби по неговото заминување.