Дали е здраво да се консумира сок од кисели краставички?

Консумирањето сок од кисели краставички стана особено популарно во последниве години, особено по напорен тренинг. Се поставува прашањето колку е всушност здрав.

Нутриционистката Џулија Зумпано за „Фокс њуз диџитал“ изјави дека препорачува сок од кисели краставички за брза хидратација.

„Богато е со натриум и е добар извор на калиум и магнезиум, електролити кои се губат за време на напорни вежби или интензивно потење“, рече таа, додавајќи дека го контролира нивото на шеќер во крвта и може да биде корисно за губење на тежината.

Лактоферментираниот сок од кисели краставички, кој се подложува на процес на ферментација во солена вода, може да биде корисен и за здравјето на цревата.

Зумпано ги предупреди луѓето на кои им е потребно ограничување на внесот на натриум да не го пијат. Доктор Вил Хас не препорачува сок од кисели краставички како редовен метод за хидратација.

„Сокот од кисели краставички нуди брза доза на натриум, што може да помогне по обилно потење, но тоа не е нешто што обично го препорачувам. За поцелосна и поефикасна хидратација, претпочитам електролитни прашоци што содржат натриум, калиум, магнезиум и малку гликоза за да се подобри апсорпцијата и рамнотежата на течностите“, рече тој.

За оние кои сè уште сакаат да пробаат сок од краставица, тој препорача да почнат со лакто-ферментирани верзии.