Дали Зеленски и Трамп ќе разговараат за ракетите „Томахавк“ во САД дури и по телефонскиот разговор со Путин?

Украинскиот претседател Володимир Зеленски денес ќе се сретне со американскиот претседател Доналд Трамп во Вашингтон, додека Трамп размислува дали да ја опреми Украина со ракети „Томахавк“ способни да погодат длабоко во Русија, објави Би-Би-Си.

Нивниот состанок доаѓа еден ден откако Трамп изјави дека е постигнат „голем напредок“ за време на телефонскиот разговор со рускиот претседател Владимир Путин, со кого страните се согласија за разговори лице в лице во Унгарија, објавува „Телеграф“.

Трамп рече дека телефонскиот разговор, негов прв со Путин од средината на август, бил „многу продуктивен“, додавајќи дека тимови од Вашингтон и Москва ќе се сретнат следната недела.

Кога Зеленски пристигна во САД, неговата трета посета од јануари, тој рече дека Москва „брза да го продолжи дијалогот штом ќе чуе за Томахавците“.

Зеленски ги повика САД да ѝ обезбедат на Украина напредни ракети, кои имаат дострел од 2.500 км.

На прашањето претходно оваа недела дали Трамп размислува да им даде на Украина ракети „Томахавк“, тој рече: „Ќе видиме. Можеби ќе го направам тоа“.

Но, запрашан за истата перспектива по разговорот со Путин, Трамп рече дека „не можеме да ги исцрпиме“ американските залихи од томахавци, додавајќи дека „и нам ни се потребни, па не знам што можеме да направиме во врска со тоа“.

Пишувајќи на својата платформа Truth Social по завршувањето на неговиот повик со Путин, Трамп рече дека тој и рускиот претседател „поминале многу време разговарајќи за трговијата меѓу Русија и САД кога ќе заврши војната со Украина“.

Тој рече дека „советници на високо ниво“ од двете земји ќе се сретнат на неодредена локација следната недела, а американската делегација ќе ја предводи државниот секретар Марко Рубио.

Трамп, исто така, рече дека ќе го информира Зеленски за разговорите со Путин во петок, додавајќи: „Верувам дека е постигнат голем напредок со денешниот телефонски повик“.

Подоцна тој им изјави на новинарите дека очекува да се сретне со Путин во Унгарија „во рок од две недели“.