Дали и ова е „грешка“? Руски дрон влезе во романскиот воздушен простор

Рускиот дрон „Шахид“ влезе во воздушниот простор на Романија, а војската на земјата веднаш крена авиони Ф-16, кои не успеаја да го соборат леталото.

Инцидентот се случил вчера во 18:00 часот по локално време во Романија, а според податоците објавени од романската армија, дронот успеал да навлезе дури 20 километри на територијата на оваа земја.

Романската армија изјави дека дронот не претставувал закана за цивилното население и дека, по полетувањето на авионот Ф-16, дронот исчезнал од радарот и веројатно се вратил во украинскиот воздушен простор.

На социјалните мрежи се појави информација дека дронот е соборен, но податоците објавени од романската армија не ги потврдија овие тврдења.

Да ве потсетиме дека руски беспилотни летала влегоа во воздушниот простор на Полска минатата недела, што предизвика бројни реакции низ цела Европа.

Како реакција на овој инцидент, кој Кремљ го опиша како „грешка“, НАТО ја објави операцијата „Источна гарда“, која ќе ги зајакне одбранбените капацитети на земјите на источната граница на Алијансата. Многу експерти веруваат дека ваквите упади не се грешка, туку дека Русите всушност ја тестираат одбраната на земјите-членки на НАТО.