Дали Кина го контролира Панамскиот канал?

За време на неговиот инаугуративен говор, американскиот претседател Доналд Трамп го повтори тврдењето дека Кина го контролира Панамскиот канал.

„Кина управува со Панамскиот канал, а ние не и го дадовме на Кина. Ние и го дадовме на Панама и го враќаме назад“, рече тој.

Панамскиот канал, долг 82 километри, минува низ централноамериканската земја и е главната врска меѓу Атлантскиот и Тихиот океан.

До 14.000 бродови го користат каналот секоја година како кратенка на патување кое инаку би барало долго и скапо заобиколување низ Јужна Америка.

Што рече Трамп за каналот?

Спомнувањето на Панама во неговиот инаугуративен говор не е првпат Трамп да се фокусира на централноамериканската земја и нејзиниот прекуокеански канал.

На Божиќ, Трамп објави на социјалните мрежи дека „прекрасните војници на Кина со љубов, но илегално управуваат со Панамскиот канал“. Тоа тврдење беше брзо демантирано од официјални лица во Панама Сити и Пекинг.

Панамскиот претседател Хозе Раул Мулино го опиша тврдењето како „глупост“, нагласувајќи дека нема „апсолутно никакво кинеско мешање“ во каналот.

Трамп, исто така, се закани дека ќе го преземе каналот насилно, наведувајќи ги „прекумерните“ такси што наводно им се наплаќаат на американските бродови да минуваат низ каналот. А панамските власти го отфрлија тоа тврдење.

По инаугуративното обраќање на Трамп, претседателот Мулино повтори дека „нема присуство на ниту една нација во светот што се меша“ во нивната администрација на Панамскиот канал.

Со стратешкиот воден пат, кој носи околу 5% од светскиот поморски сообраќај, управува Управата на Панамскиот канал, агенција на панамската влада, а не кинески војници.

Сепак, неточното тврдење на Трамп ја одразува загриженоста кај некои американски официјални лица за значителните кинески инвестиции во каналот и неговата околна инфраструктура.

Историја на Панамскиот канал

Историски гледано, САД одиграа клучна улога во изградбата и управувањето со каналот што ги поврзува Атлантскиот и Тихиот океан.

По неуспешниот обид на Французите да го изградат, САД ги обезбедија правата за реализација на проектот. Неговата изградба е завршена во 1914 година.

Каналот остана под контрола на САД до 1977 година, кога тогашниот претседател Џими Картер потпиша договор за постепено пренесување на контролата на Панама, што Трамп го опиша како „глупаво“.

Од 1999 година, Управата на Панамскиот Канал има единствена контрола врз работењето на водниот пат.

Договорите потпишани меѓу САД и Панама предвидуваа каналот да остане трајно неутрален. Сепак, според договорот, САД го задржуваат правото да го бранат каналот со воени средства во случај на закана.

Улогата на Кина 

Нема јавни докази кои сугерираат дека кинеската влада има контрола над каналот. Сепак, кинеските компании имаат значително присуство во регионот.

Од октомври 2023 година до септември 2024 година, обемот на кинески товар што минува низ каналот бил 21,4 отсто, што го прави втор најголем корисник по САД.

Во последниве години, Кина исто така инвестираше многу во пристаништата и терминалите во близина на каналот.

Две од петте пристаништа во близина на каналот – Балбоа и Кристобал – лоцирани на страната на Пацификот и Атлантикот, се управувани од подружница на Hutchison Port Holdings од 1997 година.

Компанијата е подружница на CK Hutchison Holdings, конгломерат со седиште во Хонг Конг. Компанијата работи во пристаништата во 24 земји, вклучувајќи го и Обединетото Кралство.

Иако компанијата не е кинеска државна сопственост, вели Рајан Берг, директор на американската програма во Центарот за стратешки и меѓународни студии, во Вашингтон постои загриженост за тоа колкава контрола би можел да има Пекинг врз компанијата.

Голема количина потенцијално корисни стратешки информации за бродовите што минуваат низ воден пат поминува низ овие пристаништа.

„Постои растечка геополитичка тензија од економска природа меѓу САД и Кина“, вели Берг. „Таквите информации за товарот би биле многу корисни во случај на војна во синџирот на снабдување.

ЦК Хачисон не одговори на барањето на Би-би-си за коментар.

На тендерите за управување со тие пристаништа, тие немаа речиси никаква конкуренција, според Ендрју Томас, професор на Универзитетот во Акрон, кој напиша книга за каналот. „САД не беа многу заинтересирани за тие пристаништа во тоа време, а Хачисон не наиде на никакви приговори“, вели тој.

Кинеските компании, приватни и државни, исто така го зајакнаа своето присуство во Панама преку инвестиции од милијарди долари, вклучително и терминал за крстарење и мост што ќе се изгради преку каналот.

Овој „пакет кинески активности“, како што го опишува Томас, можеби го поттикна тврдењето на Трамп дека каналот е „сопственост“ на Кина, но управувањето со овие пристаништа не е исто што и сопственоста, посочува тој.

Пекинг постојано истакнува дека односите на Кина со Латинска Америка се карактеризираат со „еднаквост, взаемна корист, иновативност, отвореност и корист за луѓето“.

Кои се пошироките интереси на Кина во Панама?

Поради својата стратешка локација, Панама со години ги привлекува напорите на Кина да го зголеми своето влијание во земјата и да го прошири своето присуство на континентот кој традиционално се смета за „двор“ на САД.

Во 2017 година, Панама ги прекина дипломатските врски со Тајван и воспостави официјални односи со Кина, што претставува голем дипломатски успех за Кина.

Неколку месеци подоцна, Панама стана првата земја од Латинска Америка која се приклучи на Кинеската иницијатива „Појас и пат“, глобален инфраструктурен и инвестициски проект од трилиони долари.

Доминиканската Република, Ел Салвадор, Никарагва и Хондурас го следеа примерот и исто така ги прекинаа врските со Тајпеј во корист на Пекинг.

Кина постепено ја прошири својата „мека моќ“ со отворање на првиот институт Конфучие во земјата и обезбедување средства за изградба на железница. Кинеските компании исто така спонзорираа „медиумска обука“ за панамските новинари.