Дали корумпирани структури се обидуваат да се “омрсат” и од младата јагула за порибување на Охридското Езеро? Кога ќе реагира обинителството и судтвото?
Сомнежи за корупција постојат во многу сфери во Северна Македонија, но ретко на некого би можело да му текне дека такви сомнежи можат да постојат и во постапката за порибување на Охрдиското Езеро со јагула.
Еден таков случај, каде се големи шансите да се утврди дека постои обид за корупција, откри Новинската агенција Журнал.
Откако Журнал, врз база на информации од загрижени граѓани , обзнани дека Охридското Езеро не е порибено со јагула низа години, од ЕСМ како надлежно претпријатие ни потврдија дека тоа не е направено од 2019 година.
Иако ова звучи доста скандалозно, ЕСМ се оправдува себе си дека задоцнувањето беше поради пандемијата, со што дознавме за уште еден бисер дека пандемијата на КОВИД се одразила и на процесот на порибување со јагули.
Од ЕСМ не се дослдени и во врска со количината на млади јагули која е пуштена во Охридското Езеро при последното порибување.
Официјално изјавија дека порибувањето е направено со 865 кг млада јагула, но Журнал поседува документ кој покажува дека порибувањето во 2019 година е направено само со 374 кг, иако редовно им се предадени потребните 865 килограми, за што постои и соодветен документ.
И Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство вели дека порибувањето на Охридското езеро со пастрмка и јагула треба да се врши еднаш годишно и тоа во количество од 750 килограми. Оваа информација уште еднаш ги потврди сите досегашни пишувања на редакцијата на Журнал, а кои се однесуваат на непочитување на законските и стручните препораки, а сведочи и за тоа како државата се однесува кон своето природно и непроценливо богаство.
„Согласно член 104 од Законот за рибарство и аквакултура порибувањето на риболовните подрачја го врши Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство преку регистрирани репроцентри. Согласно риболовната основа за риболовната вода Охридско Езеро, порибувањето на риболовното подрачје покрај со Охридска пастрмка треба да се пориби и со подмладок од јагула во количина од 750 кг на годишно ниво. За секое порибување Државниот инспекторат за земјоделство изготвува записник така да за точната информација за количината на порибен подмладок потребно е да се обратите до ДИЗ“, велат за Журнал од Министерството за земјоделство.
Претходно, истото го кажаа и од хидробиолошкиот завод во Охрид, од каде наведоа како всушност требало да постапат одговорните согласно законската регулатива која очигледно, како што објавивме и претходно, е напишана да стои само на хартија, со оглед на тоа што добивме и официјална потврда дека езерото не било порибено дури од 2019 година.
„За порибувањето со подмладок од јагула во 2019 година, како и за секое порибување, согласно член 104 од Законот за рибарство и аквакултура на Р. С. Македонија (Сл. весник на Р. М. бр. 7/08, 67/10, 47/11, 53/11, 95/12, 164/13, 116/14, 154/15, 193/15, 39/16 и 83/18 и Сл. весник на Р. С. М. бр. 150/21) и согласно точка 9.1 од Риболовната Основа за риболовната вода Охридско Езеро за периодот од 2017-2022 година (Сл весник на Р. М. бр. 55/17), Охридското Езеро требало да се пориби со најмалку 750 килограми европска јагула (аnguilla anguilla), со маса до 30 g., но не со помалку од 25.000 единки. Порибувањето со иста количина требало да биде извршено секоја година, во случајов во периодот од 2017 заклучно со 2022 година, согласно веќе наведената Риболовна основа“, вели д-р Илиќ- Боева.
После ова, упатените со полно право прашуваат каде е основата на самоволието во ЕСМ, во врска со (не)порибувањето со јагула на нашиот бисер, Охридското Езеро.
“Дали во Македонија има корумпирани структури кои се трудат да ‘вадат маст’ и од младата јагула која е за порибување?”, е следното прашае кое го поставуваат нашите соговорници, постетувајќи дека Охридското Езеро како дар од природата е заштитена на државно и меѓунардоно ниво.
Ако овие дилеми не се расчистат тука кај нас, срамот може да пукне во меѓународни рамки, и за жал, ако се случи тоа, тогаш срамот нема да ги опфати само директните виновници, туку целата наша земја. Ќе се пукне резил пред цел свет, поради неколку луѓе, и нивната неспособност, или пак можеби нивната желба да придобијат нешто.
Можеби тука има простор за реакција на надлежните врз основа на допрен глас. Да почнат истраги за да се расчисти дали имало неправилностит и злоупотреби. Ако имало кој ги направил, зошто ги направил, и секако да даде одговорност. Не е добро овие дилеми, придружени со силни докази, да лебдат во воздух, бидејќи станува збор за екосистемот на едно езеро кое е природно богатство, и како такво не ни припаѓа само нас како генерација, туку треба да го наследат и следните генерации.