ДАЛИ СРБИЈА ЌЕ “РАСКИНЕ“ СО ЕУ !? Брисел го прозва Александар Вучиќ, а некои пратеници упатија сериозни обвинувања: “Како да продолжиме со соработката после ова ?!“
Европската унија ги отфрли обвинувањата од властите во Србија за наводна вмешаност на Запад во изборниот процес, како и оние дека Запад стои зад протестите за соборување на власта. Ваквите обвинувања во ЕУ беа наречени „руски наратив“ и ја повикаа Србија да престане да користи таква руска пропаганда и наместо тоа да се бори против дезинформативните кампањи кои имаат за цел да го запрат патот на Србија кон ЕУ. Ова во понеделникот го изјави и Петер Стано, портпарол на Европската унија за надворешни работи и безбедност.
„Ги отфрламе ваквите обвинувања, кои се целосно неосновани, лажни и поттикнати од руската пропаганда со цел да го попречат напредокот на Србија кон ЕУ“, изјави Петер Стано.
ЕУ ја повика Србија итно да преземе мерки против ширењето на руската анти-ЕУ пропаганда во Србија преку бројни медиуми.
„Србија мора да преземе итни чекори за да се спротивстави на наративот против ЕУ што го пропагираат бројни медиуми и мора да се спротивстави на надворешните информативни кампањи на манипулации и мешање, особено во контекст на руската агресија врз Украина“, порача Петер Стано.
ЕУ е особено загрижена затоа што Србија се повеќе се претвора во полигон за ширење на руската пропаганда, со тоа што дозволува работа на руски медиуми кои се под санкции на Европската унија.
Неодамна премиерката на Србија, Ана Брнабиќ, им се заблагодари на руските тајни служби што ги информирале дека се подготвуваат протести на опозицијата. Ваквата изјава беше прифатена со загриженост кај дел од дипломатите на ЕУ бидејќи служи како доказ дека руските служби се активни во Србија и дека Србија, без оглед на постојаните предупредувања, продолжува да има блиска соработка со Русија.
„Европската унија беше кристално јасна со нашите партнери: одржувањето врски со Русија во моментот на агресијата против Украина не е во согласност со пристапот на Европската унија. ЕУ сака да смета на сите земји кандидати како кредибилни партнери кои споделуваат исти вредности, принципи, безбедност и просперитет“, изјави портпаролот на Европската унија.
Во однос на изборите, ЕУ повика на мир и дијалог и за решавање на сите прашања за нерегуларности во изборниот процес. ЕУ соопшти дека го поддржува правото на мирни протести и дека насилството е неприфатливо.
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, во неколку наврати изјави дека „има докази“ дека имало мешање на некои западни сили во изборите во Србија.
Странските набљудувачи на овие избори искажаа бројни приговори за регуларноста, но ЕУ не даде јасна изјава за нив. ЕУ само повика соодветно да се истражат наводите за нерегуларности и да се земат предвид приговорите за изборите. Сепак, некои пратеници во Европскиот парламент упатија сериозни обвинувања против изборите и ја доведоа во прашање можноста за продолжување на соработката на Европската унија со Александар Вучиќ.
И покрај тоа, ЕУ се уште смета на соработка со Србија, особено во однос на целосното спроведување на договорот за нормализација на односите меѓу Косово и Србија. Во понеделникот, ЕУ го повтори својот повик и до Белград и до Приштина да ги исполнат своите обврски од дијалогот без одлагање и во целост.