Дали сте слушнале за S&P 500, Nasdaq и Dow? Кратенки кои инвеститорите со голем страв ги следат деновиве

Откако американскиот претседател Доналд Трамп донесе одлука за воведување царини, турбуленциите на берзите станаа тема број 1 ширум светот, а светот со особено внимание следи се што се случува на берзата во Соединетите Американски Држави.

Како никогаш досега, термините како S&P 500, Nasdaq и Dow станаа попопуларни од кога било, а нивниот пад или раст служат како важен белег во насоката во која се движи американската и глобалната економија.

Иако ова се поими кои се добро познати во економските кругови, пошироката јавност најверојатно не е многу запознаена со разликите помеѓу овие поими и што тие всушност значат.

Едноставно кажано, Dow, S&P и Nasdaq претставуваат пазарни берзански индекси, но со одредени разлики.

Кога зборуваме за Nasdaq, во суштина се мисли на Nasdaq Composite Index, кој ги вклучува речиси сите акции со кои се тргува на берзата Nasdaq. Иако постојат неколку индекси кои ги следат акциите со кои се тргува на Nasdaq, генерално терминот се однесува на најголемиот индекс, Nasdaq Composite Index, кој е метричка мерка за дел од берзата.

Фото: Ројтерс

Покрај индексот, ова е и името на берзата која беше создадена во 1971 година и беше првата електронска берза која им овозможи на инвеститорите да тргуваат со акции надвор од физичкото тргување.

Nasdaq е втората најголема берза во светот, втора само по Њујоршката берза (NYSE).

На берзата Nasdaq котираат повеќе од 3.700 компании, а постои прилично комплицирана листа на услови кои една компанија треба да ги исполни за да се квалификува за котација на оваа берза.

Сепак, она што треба да го знаете е дека на оваа берза најчесто се забележува состојбата на компаниите зад социјалните мрежи, е-трговијата, малопродажбата, но и акциите на трендсетерите од Силиконската долина.

Од друга страна, кратенката Dow имплицира индекс наречен Dow Jones Industrial Average и во суштина следи триесет големи компании со седиште во САД.

На пример, овој индекс ги наведува вредностите на Apple, Microsoft, Amazon, JP Morgan, Coca-Cola, Nike и други.

За разлика од другите популарни берзански индекси, како што се S&P 500 и Nasdaq Composite Index, кои и двата користат метрика на пазарната капитализација, Dow се пондерира според цената на акциите.

Поради компаниите што ги следи, Дау им дава на инвеститорите добра општа идеја за тоа што се случува на американските пазари.

Кога станува збор за S&P 500, ова е најкористениот индекс, кој претставува 80 отсто од вкупната вредност на американскиот пазар и е еден од најрелевантните показатели за моменталната состојба. S&P 500 вклучува водечки компании во широк опсег на индустрии, од технологија до здравствена заштита.

Фото: Ројтерс

Компаниите мора да исполнат одредени критериуми пред да бидат додадени во индексот. На пример, тоа мора да биде компанија со седиште во САД со проценета пазарна капитализација (вредност) од најмалку 14,5 милијарди долари. Една компанија ќе биде отстранета од S&P 500 доколку повеќе не ги исполнува овие услови.

Сите овие индекси забележаа големи загуби по завршувањето на трговското време во четвртокот.

Според американските медиуми, S&P 500 загуби 3,45 отсто од вредноста, Nasdaq 4,31 отсто, а Dow Jones падна за 2,54 отсто.