Дали Украина ќе биде поделена како Германија во 1945 година: генералот на Трамп ја откри американската визија за мир
Специјалниот пратеник на претседателот Доналд Трамп за Украина изјави дека земјата може да се подели „речиси како Берлин по Втората светска војна“ како дел од мировниот договор.
Генералот Кит Келог, истакната фигура во напорите на САД да се стави крај на војната во Украина, предложи британските и француските трупи да воспостават зони на контрола во западна Украина како дел од „безбедносните сили“, додека руската војска останува на окупираниот исток. Помеѓу нив би биле украинските сили и демилитаризирана зона, пишува британски The Times.
Келог рече дека силите предводени од Велика Британија и Франција, западно од реката Днепар – која ја дели Украина од север кон југ и минува низ Киев – „воопшто нема да биде провокација“ за Москва. Тој рече дека Украина е доволно голема земја за неколку армии да оперираат таму за да го следат прекинот на огнот.
„Речиси може да изгледа како она што се случи со Берлин по Втората светска војна, кога имавте руска зона, француска зона, британска зона и американска зона. Вие сте западно од [Днепар], што е голема природна бариера“, рече Келог, подоцна додавајќи дека Америка нема да испраќа копнени трупи. Тој предложи формирање демилитаризирана зона широка 29 километри долж постојните демаркациски линии на исток.
Предлогот на Келог имплицитно признава дека Украина ќе мора да ги отстапи источните територии кои моментално се под руска контрола.
Минатиот месец рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров повтори дека Кремљ нема да прифати мировници од која било земја на НАТО „под никакви услови“. Украина, која – за разлика од нацистичка Германија во 1945 година – има функционална и прозападна влада, би можела да го смета овој предлог и споредбата со повоениот Берлин за несоодветни, особено ако се земе предвид едно од бесмислените оправдувања на Русија за инвазијата – „деназификацијата“ на Украина.
Овие изјави претставуваат еден од најјасните сознанија за визијата на Трамп за иднината на Украина меѓу оние кои се вклучени во планирањето на прекинот на огнот. Исто така, ова е првпат висок американски функционер да сугерира дека реката Днепро може да стане еден вид разграничувачка линија во Украина по прекинот на огнот. Сепак, не е јасно дали Келог мислел дека дополнителна територија источно од реката треба да и’ се отстапи на Москва.

Има очигледни разлики меѓу предлогот на Келог и поделбата на Берлин и Германија по Втората светска војна. Додека Германија беше принудена да капитулира пред окупаторските сили, Украина ќе ги повика сојузниците да дејствуваат како „безбедносни сили“ на западниот дел на земјата, а нема индикации дека дополнителни територии ќе и бидат предадени на Русија. Иако споредбата е лабава, симболиката на јазикот е силна, особено во пресрет на 80-годишнината од Денот на победата во Европа.
Коментарите доаѓаат кога Стивен Виткоф, де факто пратеник на Трамп во Русија, отпатува во земјата за да разговара за договорот за прекин на огнот во петокот и се ракува со претседателот Путин во Санкт Петербург. Истиот ден, Трамп дополнително го притисна Путин да ја прекине војната, пишувајќи на својата платформа Truth Social: „Русија мора да оди напред. Премногу луѓе УМИРААТ, илјадници неделно, во страшна и бесмислена војна – војна која никогаш не требаше да се случи, а немаше да се случи ако јас бев претседател!!!
Кремљ предупреди дека не се очекуваат „пробиви“ пред третата средба меѓу Виткоф и Путин.
Келог призна дека Путин, кој го фрустрира Трамп во последните недели со неговиот непопустлив став во разговорите за прекин на огнот, „можеби нема да го прифати“ предлогот за зона на контрола. За да се осигури дека англо-француските и украинските сили, поддржани од трупи од други земји од „коалицијата на подготвените“ земји, нема да дојдат во конфликт со Русите, Келог рече дека ќе треба да се воспостави тампон зона меѓу украинските и руските линии.
„Гледате мапа и создавате, во недостиг на подобар термин, демилитаризирана зона (DMZ). Двете страни се повлекуваат по 15 километри, тоа е 18 милји (29 километри) и имате… DMZ што можете да го надгледувате, и ја имате оваа… зона без оган. Може да се следи релативно лесно“. Тој, сепак, додаде: „Дали ќе има прекршување? Веројатно, затоа што секогаш има. Но, можноста за следење е лесна“.
Во она што во Киев и европските престолнини најверојатно ќе се гледа како обид да се врати Путин на преговарачка маса, Келог рече дека САД го поддржуваат одржувањето на нови избори во Украина. Путин долго време се сомневаше во легитимноста на претседателот Зеленски, што го натера Трамп минатиот месец да рече дека е „навистина бесен“ поради постојаните напади на рускиот лидер врз украинскиот претседател.
„Мислам дека ако има прекин на огнот, ќе имате избори. Затоа што помина речиси една година откако требаше да бидат распишани. Тие не се повикани. Но, мислам дека Зеленски е подготвен да го направи тоа кога ќе има прекин на огнот и кога ќе има некакво решение. Но, тоа е одлука на украинскиот народ и украинскиот парламент. Не за нас“, рече Келог.
Во Европа се почесто се слушаат обвинувања дека англо-француската коалиција не планира адекватно што да прави откако пушките ќе замолчат во Украина. Британскиот министер за одбрана Џон Хили изрази фрустрација од коментарите на шефицата за надворешна политика на ЕУ и поранешна естонска премиерка Каја Калас, која рече дека не е јасно кои се целите на силите во Украина – следење на Русија, одржување на мирот, одвраќање или борба на теренот.
„Нашето планирање за „коалицијата на подготвените“ е навистина, значително, добро напреднато; Европската унија не е дел од тоа планирање“, рече Хили.
На прес-конференција заедно со неговите германски и украински колеги, Хили објави дека сојузниците ветиле 18 милијарди фунти воена помош, што е рекордно зголемување на поддршката за Украина. Во оваа бројка се вклучени 350 милиони фунти што ги вети Велика Британија, со што вкупната британска помош за Украина оваа година е 4,5 милијарди фунти – највисока досега.
Сепак, во уште еден јасен приказ на пресвртот на Трамп во пристапот кон финансирањето на помошта од Западот за Киев, Келог ги предупреди британскиот лидер Кир Стармер и претседателот Макрон да не сметаат премногу на американската поддршка за таа коалиција. „Секогаш планирајте за најлошото сценарио“, рече тој.
Запрашан дали безбедносните сили ќе бидат ефективни, Келог посочи дека Трамп би бил задоволен што Европа е поподготвена да дејствува независно. Тој рече дека овие сили, ако ништо друго, ќе испратат силна порака до Путин.