Дали Франција ги подготвува своите граѓани за војна? Планира да им испрати прирачници за преживување

Француската влада планира на сите домаќинства да им испрати „прирачник за преживување“ со упатства што да прават во случај на вооружен конфликт, природна катастрофа или здравствена криза, пренесуваат француските медиуми.

Иако прирачникот не ја спомнува Русија или војната во Украина, претходно овој месец францускиот претседател Емануел Макрон ја предупреди нацијата за „руската закана“ со која се соочува Европа додека САД постепено се повлекуваат од континентот.

Веќе постои владина страница со оваа информација

Доколку предлогот биде одобрен, брошурата треба да биде испратена пред летото и ќе содржи информации слични на оние што веќе се најдени на владината веб-страница објавена во 2022 година. Таму има графика со упатства што да се спакува во комплет за итни случаи.

• Најмалку шест литри флаширана вода
• Конзервирана храна
• Батерии и фенерче
• Медицински материјали, вклучително парацетамол, облоги и физиолошки раствор
• Радио на батерии
• Основни алатки
• Топла облека
• Полначи за телефон
• Готовина
• Очила
• Дупликат клучеви
• Фотокопии од важни документи
• Игри што го ,,убиваат” времето

Германија го направи истото минатата година, нордиските земји исто така

Франција не е сама што презема такви чекори. Германија спроведува слични мерки, а минатата година организираше воени симулации за да ги тестира реакциите на војската и цивилите. Таа, исто така, работи на апликација за бункер што ќе им покаже на луѓето каде да побараат засолниште во случај на напад, а исто така изработи доверлив документ наречен „Операција Дојчланд“ кој детално го прикажува планот за заштита на критичната инфраструктура и мобилизирање сили во воени околности.

Како и Франција, мерките на Германија се однесуваат на различни закани, вклучувајќи пандемии, природни катастрофи и напади.

Во Украина поминаа три години војна

Минатата година и нордиските земји почнаа да издаваат слични брошури со совети за граѓаните.

Шведската верзија предупредува: „Во нашиот дел од светот моментално се случуваат вооружени конфликти. Доколку Шведска биде нападната, секој мора да придонесе за одбрана на независноста и демократијата… Во оваа брошура, дознајте како да се подготвите и што да правите во случај на криза или војна“.

По три години војна во Украина и искуството од пандемијата, Европа сè повеќе ги подготвува своите граѓани за неизвесна иднина.