Дали често имате кошмари? Оваа храна може да биде причина

Студија објавена во списанието „Frontiers in Psychology“ покажа дека честото јадење сирење, особено навечер, може да предизвика кошмари. Слатките и зачинетата храна исто така можат да придонесат за кошмарите.

Истражувачите ги проучувале искуствата на 1.082 студенти на Универзитетот Мекјуан, прашувајќи ги за нивните навики и квалитет на спиење, дали имале соништа или кошмари и дали забележале некаква врска помеѓу нивните соништа и изборот на храна. Тие исто така го истражувале нивниот однос со храната во поширока смисла, како и нивното општо ментално и физичко здравје.

Одговорите открија силна врска помеѓу нетолеранцијата на лактоза и кошмарите. Значи, можно е гастроинтестиналната непријатност што ја доживуваат одредени луѓе по консумирање млечни производи да е причината за негативните соништа додека спиеме, а не самото сирење да е некаков вид порта кон градот на кошмарите.

„Кошмарите се полоши кај лицата нетолерантни на лактоза кои страдаат од тешки гастроинтестинални симптоми и чиј сон е нарушен“, изјави водечкиот автор д-р Торе Нилсен од Универзитетот во Монтреал во изјава испратена до IFLScience. „Ова има смисла, бидејќи знаеме дека и други телесни сензации можат да влијаат на сонот. Кошмарите можат да бидат многу вознемирувачки, особено ако се појавуваат често, бидејќи имаат тенденција да ги будат луѓето од спиење во дисфорична состојба. Тие исто така можат да предизвикаат однесување на избегнување на спиење. И двата симптоми можат да ве лишат од мирен сон.“

За жал, ако спаѓате во таа група, можеби нема да ви се допадне решението, бидејќи Нилсен сугерира дека промената на вашите навики во исхраната може да биде најдобриот пат за ублажување на кошмарите.

Веста станува уште полоша ако сте љубител на десерти, бидејќи слатките всушност се најдоа на врвот како најчесто пријавувана храна поврзана со променети соништа и кошмари.

Триесет и еден процент од учесниците ги обвинија своите најбизарни и вознемирувачки соништа за десертите и слатките, додека 22 проценти ги обвинија млечните производи, 16 проценти месото, а 13 проценти за зачинетата храна. Емоционално набиеното прејадување беше исто така поврзано со вознемирувачки соништа, додека подолгите паузи помеѓу јадењето здрави оброци ги направија соништата поживописни и полесни за запомнување.

Авторите заклучуваат дека истражувањето дава тежина на аргументот дека храната навистина може да ги промени нашите соништа и дека нетолеранциите може да бидат претходно непрепознаен извор на тешки или чести кошмари.