Денес започна конклавата, односно состанокот на кардиналите каде што ќе се избира новиот папа, а се одржува во Систинската капела, место со историска, политичка и религиозна позадина.
Самата капела е изградена помеѓу 1473 и 1481 година, на барање на папата Сикст IV. Именуван е по него.

Оваа капела, која се наоѓа во Апостолската палата, седиштето на Светата столица, е најпозната по уметничките дела што ги красат нејзините ѕидови.
Таванот на Систинската капела е насликан од Микеланџело Буонароти, легендарен италијански сликар од 16 век. Таванот содржи девет одделни настани од Книгата Битие, првата книга од Стариот завет.
Најпознатото дело меѓу нив е „Создавањето на Адам“, фреска која се смета за едно од најпрепознатливите уметнички дела во светот.
Покрај таванот, Микеланџело ја насликал и фреската „Страшниот суд“, која се наоѓа веднаш зад олтарот на оваа капела.
Сандро Ботичели, Пјетро Перугино, Пинтурикио, Доменико Гирландајо и Козимо Росели учествувале во декорацијата на оваа капела, која се смета за убедливо најпозната во светот, додека Микеланџело бил ангажиран од папата Јулиј II во раните 1500-ти.

Иако е најпознат по своите уметнички дела и конклава, примарната функција на оваа капела е да биде „Капела Понтифиција“, седиште на Светата столица и местото каде што се центрирани сите активности на водачите на Католичката црква.
Иако базиликата „Свети Петар“ се смета за централен дел на Ватикан, Сикстинската капела е многу попопуларно место за туристите, но и клучен дел од оваа микродржава во политички контекст.
Токму во оваа капела 133 кардинали ќе го изберат новиот водач на Католичката црква кој ќе го замени папата Франциск, кој почина на 21 април.