Данска планира законски да го заштити идентитетот на луѓето од злоупотреби на вештачка интелигенција, веруваaт дека ќе бидат први во Европа
Данската влада планира да се справи со создавањето и ширењето на „дипфејкс“ генерирани од вештачка интелигенција со промена на законите за авторски права за да се обезбеди дека секој има право на сопствено тело, црти на лицето и глас.
Данската влада во четврток соопшти дека ќе ја зајакне заштитата од дигитално имитирање на идентитетот на луѓето со она што го смета за прв закон од ваков вид во Европа.
Откако ќе се обезбеди широк меѓупартиски договор, планот е да се достави предлог за измени на постојниот закон за консултации пред летната пауза, а потоа и на есен.
Го дефинира „дипфејк“ како високо реалистична дигитална репрезентација на една личност, вклучувајќи го нејзиниот изглед и глас.
Данскиот министер за култура Јакоб Енгел-Шмит изјави дека се надева оти законот ќе испрати „недвосмислена порака“ дека секој има право на тоа како изгледа и звучи.
Тој за Гардијан изјави:
„Во нацрт-документот, се согласуваме и испраќаме недвосмислена порака дека секој има право на свое тело, свој глас и свои црти на лицето, што очигледно не е начинот на кој сегашниот закон ги штити луѓето од генеративна вештачка интелигенција. Човечките суштества можат да бидат ставени преку дигитален копир и злоупотребени за разни цели, а јас не сум подготвен да го прифатам тоа“, истакна тој.
Овој потег, за кој се верува дека има поддршка од девет од 10 пратеници, доаѓа во време на брзиот развој на технологијата за вештачка интелигенција што го олесни од кога било креирањето убедлива лажна слика, видео или аудио што ги имитира црти на лицето на друго лице.