– Данска вети дека ќе ја префрли целата своја артилерија во Украина и ја повика Европа да се обедини во поддршката на Киев.
Премиерката на Данска, Мете Фредериксен, во текот на Минхенската безбедносна конференција во Германија ги повика европските нации да ги донираат своите постојни резерви од оружје, муниција и системи за противвоздушна одбрана што, според нејзино мислење, би требало да ѝ бидат доделени на Украина.
Фредериксен ги критикуваше европските лидери што, според нејзино мислење, наведуваат проблеми со производството на оружје како изговор да не ѝ испорачуваат оружје на Украина, а истовремено повикуваат на зголемување на производството.
„Но токму сега Украина бара артилерија и муниција. Затоа ми е жал, пријатели, но во Европа има воена опрема. Тоа не е само предмет на производство. Имаме оружје, имаме муниција и системи за противвоздушна одбрана. Тие мора да бидат пратени во Украина“, изјави Фредериксен, истакнувајќи дека Данска решила да ја донира својата артилерија.
Оваа изјава доаѓа во момент кога Украина продолжува да се бори со голем недостиг на воен персонал и муниција на линијата на фронтот и се соочува со руски победи на истокот од земјата.
Премиерката на Данска ги повика европските земји да не чекаат САД да го одобрат финансирањето на украинските вооружени сили.
„Не е важно што ќе смислат САД, но, ние, Европејците, мора да се браниме. Оваа војна е на европскиот континент“, рече Фредериксен.
Данска е меѓу главните снабдувачи со оружје на украинските вооружени сили, а оваа земја вети дека ќе префрли 19 борбени авиони Ф-16 до крајот на годината, штом заврши обуката на украинските пилоти.
Москва повеќепати го критикуваше Западот поради испораката на оружје на Украина, тврдејќи дека тоа само го продолжува судирот.