Министерот за надворешни работи на Србија, Ивица Дачиќ, изјави дека од Америка не пристигнале докази за нивните тврдења против шефот на Безбедносно-информативната агенција Александар Вулин, кому му се изречени санкции, наведувајќи дека „не очекува да пристигне, бидејќи не се работи за утврдување докази, туку за политички мотивирани санкции“.
– Од Америка не добивме ниту една информација, ниту индикација дека има некакви криминални дејствија. Секако дека ќе бараме објаснување од САД бидејќи не се работи за приватна работа, туку за одлука насочена против висок владин функционер. Но, да го оставиме тоа на страна, мотивот за оваа одлука е политиката – изјави Дачиќ за весникот „Политика“.
Зборувајќи за тоа зошто се воведени овие санкции, Дачиќ рече дека тоа е поради „односите на Вулин кон Русија“.
„Да воведовме санкции кон Русија, немаше да има санкции против Вулин или некој друг“, рече Дачиќ.
На прашањето како тоа може да влијае на српско-американските односи, министерот рече дека Србија „има добра соработка со САД во борбата против сите форми на организиран криминал“.
Тој оцени дека со оваа акција „сакаат да направат некаков вештачки баланс“ меѓу Белград и Приштина. Тој е на мислење дека „по острите одлуки на Западот и Америка против властите во Приштина, прашање на денови беше кога ќе стигне одлука против Белград“.
– Тоа е еден од најважните столбови на нашата севкупна соработка. И токму затоа е изненадувачки што американските државни органи носат одлуки за санкции против висок финансиер на Србија, со сомневање за наводна поврзаност со организиран криминал. Но, овде зборуваме само за политика, а тоа е државната политика на Србија, која ја спроведуваат сите што се на чело на институциите – изјави Дачиќ.