Дачиќ: МВР го прекина фестивалот „Мирдита, добар дан“ поради опасност од загрозување на безбедноста на луѓето
– Министерството за внатрешни работи издаде наредба за прекин на јавниот собир „Мирдита, добар дан“ во Белград, соопшти вицепремиерот на Владата на Србија и министер за внатрешни работи Ивица Дачиќ.
– Министерството за внатрешни работи донесе наредба за прекин на јавниот собир „Мирдита добар дан“, поради опасност од загрозување на безбедноста на луѓето и имотот, како и опасност од нарушување на јавниот ред и мир од поголеми размери, се наведува во соопштението на Дачиќ.
Тој додаде дека нема да бидат дозволени други собири на тој простор и дека за оваа наредба се информирани организаторите на средбата.
Пред Дорчол плац, каде што вечерва почнува фестивалот „Мирдита, добар дан“ кој треба да трае до сабота, се собраа педесетина млади луѓе кои го спречуваат влезот во овој простор веејќи српски знамиња, кои според медиумите се припадници на опозициската Нов ДСС. Полицијата со своите автомобили ја блокираше пристапната улица, во близина е уште една полициска патрола.
Основачот на невладината организација Фонд за хуманитарно право Наташа Кандиќ денеска оцени дека Србија и нејзините институции со забраната на фестивалот „Мирдита, добар дан“ се „поистоветиле со хулиганите и најмрачниот етнонационалистички мрак“.
– Во Србија веќе не може да се организира дебата за помирување, ниту протест против глорификацијата на воените злосторници. Црна дупка, напиша Кандиќ на социјалната мрежа Икс.
Невладината Црта на Икс оцени дека од 2014 година државата „не покажала толку непријателство кон фестивалот“.
Наместо „Мирдита, добар дан“, власта ни вели „Слободо, добра ноќ“. Никогаш од 2014 година државата не покажала толку непријателство кон овој фестивал. Реторичко прашање е дали ќе застанат само на еден фестивал, изјавија од Црта.
Реагираа и опозицските партии ЛСВ, ПСГ и други, додека пак Министерката за семејна грижа и демографија и претседателката на партијата Заветници, Милица Ѓурѓевиќ Стаменковски, го поздрави откажувањето на фестивалот „Мирдита, добар дан“, истакнувајќи дека народот во Србија „има свое достоинство и јасна граница меѓу толеранцијата и мазохизмот“.
Фестивалот на социјалните мрежи сподели три фотографии, на кои има пречкртано лого „Мирдита добар дан“, со порака „Забрането“ на српски, албански и англиски (забрањено, ndalohet, banned).
Фестивалот „Мирдита, добар дан“ е спој на уметноста, современата културна сцена, но и иницирање на важни прашања кои се однесуваат на минатото и иднината во времиња кои претставуваат голем предизвик за односите меѓу Белград и Приштина.