Дачиќ: Ружиќ е подготвен да поднесе оставка, но тоа нема да го реши проблемот

Министерот за надворешни работи Ивица Дачиќ кажа дека министерот за образование Бранко Ружиќ изјавил дека е подготвен да поднесе оставка доколку има негова индивидуална одговорност за нападот во основното училиште „Владислав Рибникар“ во Белград, јави дописникот на МИА од Белград.

Дачиќ,кој е и лидер на СПС чиј е Ружиќ, додаде дека оставката на министерот нема да придонесе за решавање на проблемот.

-Мислам дека сега е сосема релативно прашање дали министерот Ружиќ ќе поднесе оставка или не… Тоа сигурно нема да придонесе на тоа дали општеството сериозно ќе се занимава со ваков тип на проблеми, бидејќи ова се случува еднаш во 10, 20, 30 години. Овде сега се поставува прашањето дали тоа ќе се повтори, дали некој ќе го копира, изјави Дачиќ за ТВ Хепи.

Според него, се работи за проблем со содржината која може да се најде на интернет и социјалните мрежи, како и проблем на општеството во целина, со кој сите мора сериозно да се занимаваат.

-А што ако Ружиќ поднесе оставка? Што решивме? Би разбрал дека се работи за пропуст кој е индивидуално поврзан со одредена личност, изјави Дачиќ.

Дачиќ, кој е актуелен координатор на безбедносните служби и поранешен министер за внатрешни работи, рече дека во тоа училиште имало училишен полицаец и приватно обезбедување ангажирани од училиштето, но тоа не било доволно.

-Едноставно, не може сето тоа да се покрие во толкава мера за да се спречат вакви случаи, рече Дачиќ.

Тој наведе дека е потребно да се утврди фактичката состојба, односно што се случило во тој конкретен случај, како и што треба да се направи за да се дојде до општествена вредност која би го отфрлила ваквото однесување и би го демотивирало извршувањето на ваквото кривично дело.

-Сега сигурно ќе има преиспитување на одредени закони, рече Дачиќ.