Скопје од година во година станува се поголем кошмар за возачите.
Освен гужвите на главните сообраќајници (кои се случуваат во текот на целиот ден, а не само како порано во „шпицевите“) огромен проблем е паркингот.
Тоа е видливо во централното градско подрачје, но особено изразено е и во општина Аеродром.
Луѓето што таму живеат и работат сведочат дека да се најде паркинг место е еднакво на научна фантастика.
И не се критични само некои локации, туку цели населби како Мичурин, Острово, Стар Аеродром, потегот околу трговските центри Бисер, Капитол, населба Лисиче и Ново Лисиче.
Пред четири години ВМРО-ДПМНЕ во кампањата за локалните избори ветуваше 3.000 нови паркинг места.

Денес, реалноста е дека нема ни стотина нови паркинг места за жителите на Аеродром.
„Нема проблем кој нема решение. Така ќе биде и со паркинг просторот. Аеродром ќе добие 3000 паркинг места и со тоа ќе воведеме ред во паркирањето!, ветуваше кандидатот за градоначалник на ВМРО ДПМНЕ, Тимчо Муцунски.
Четири години подоцна, решението го нема а проблемот со паркингот стана уште поголем.
Нема ниту една од ветените четири нови градинки на Муцунски во Аеродром
Во 2021 година Тимчо Муцунски кандидат за градоначалник на Аеродром од ВМРО-ДПМНЕ, убедливо победи на локалните избори.
Меѓу мноштвото од ветувања што ги даде беше и ветувањето за изградба на четири нови детски градинки во општината.
Муцунски и ВМРО-ДПМНЕ планираа градинки во населбите Острово, Лисиче, Мичурин и Долно Лисиче, како и проширување и реновирање на три други градинки.
Но денес, по четири години ниту една од најавените градинки не е изградена.
Она што е факт е дека последните две новоизградени градинки во Стар Аеродром и Ново Лисиче се изградени во мандатот на СДСМ.

Од друга страна, и единствената градинка која се проширува во моментов е со пари обезбедени од Владата на СДСМ пред две години.
Четири години од најавата на Муцунски и ВМРО-ДПМНЕ, капацитетите во градинките не се зголемени, списоците се чекање се уште се долги, а граѓаните мака мачат со згрижувањето на своите деца.
Наместо една, четири години се прави паркот „Радост“ во Реонски центар Аеродром
Кога во 2021 година ја презема локалната власт во Аеродром, тогашниот градоначалник Тимчо Муцунски ветуваше дека во првата година од неговиот мандат ќе се направи парк именуван „Радост“ во реонскиот центар на Аеродром.
Паркот беше предвиден на површина од 6.000 квадратни метри со ново зеленило, урбана опрема и детски реквизити.
Но овој парк кој е финансиран и од Делегацијата на ЕУ во Скопје и од приватни компании наместо една, се гради цели четири години.

Наместо интензивна изградба овој парк први две години стоеше раскопан.
Во меѓувреме Муцунски замина од функцијата градоначалник, а го змени тогашниот претседател на Советот на општината Дејан Митески кој по неколку месеци ја продолжи изградбата.
Денес на неколку денови пред изборите паркот иако официјално пуштен во употреба се уште не е до крај завршен, а на одредени места тревата беше изгорена и неискосена.
ВМРО-ДПМНЕ ветуваше шест нови кружни текови во Аеродром, денес четири години подоцна нема ниту еден од нив
Во предизборната кампања во 2021 година ВМРО-ДПМНЕ и нивниот кандидат за градоначалник на Аеродром Тимчо Муцунски пред граѓаните ветија изградба на шест нови кружни текови на неколку локации во општината.
Еден требаше да се гради меѓу Мичурин и Стар Аеродром, потоа кај ОУ Љубен Лапе, на бул. 12 македонска бригада, кај детската градинка Буба Мара и еден на булевар Февруарски поход кај патот кон Рагуза 919.
Но денес, од ветените шест кружни текови нема изградено ниту еден.
Граѓаните и натаму се соочуваат со проблеми во сообраќајот особено кај ОУ Љубен Лапе.
Дел од овие кружни текови беа најавени и во официјален документ на Општината, насловен „Стратегија за локален економски развој на општина Аеродром 2022-2026“, но до нивна реализација се уште не е направен ниту првиот чекор.
Аеродром и натаму без објект за гимназија
Иако пред четири години тогашниот кандидат а потоа и градоначалник на општина Аеродром, Тимчо Муцунски пред граѓаните ветуваше отворање на нова гимназија, денес четири години подоцна гимназијата ја нема.
„Аеродром ќе добие нова гимназија по сите европски стандарди! Ние се грижиме за иднината за нашите млади. Како најголема општина не смееме да немаме квалитетно образование“ ветуваше Муцунски пред граѓаните на општина Аеродром, а имаше објавено дури и видео за тоа како ќе изгледа објектот.
По изборот, Муцунски ја уверуваше јавност дека бил во преговори со Град Скопје и градоначалничката Данела Арсовска околу изградбата на објектот и дека проктот ќе се најде во буџетот за 2023 година.
Но прво ВМРО-ДПМНЕ и Арсовска се скараа, потоа Муцунски доби министерска функција, а неговиот наследник во општината Дејан Митески не изгледаше заинтересиран за проектите на Муцунски.
Па така, денес Аеродром се уште е без гимназија а овој како и други нереализирани проекти останаа само на хартија и во сеќавањата на жителите на Аеродром.