„Да ја обликуваме нашата европска иднина“, мото на Албанија во следното лидерство со ПСЈИЕ

– Министерот за надворешни работи на Северна Македонија, Бујар Османи, истакна дека неговата земја имала успешно претседавање со Процесот за соработка во Југоисточна Европа (ПСЈИЕ), нагласувајќи дека „се надминале очекувањата“.

Министерот во заминување Османи одржа заедничката прес-конференција со заменик-министерката за надворешни работи на Албанија, Артемис Маљо, земја што го презема следното претседавање со ПСЈИЕ.

Османи истакна дека најголем успех е заедничката номинација на кандидат за генерален секретар на Советот за регионална соработка (РСС), нешто што не можеше да се постигне три години.

„Постигнавме консензус и го предложивме кандидатот на Сараево, г. Амер Капетановиќ, за функцијата генерален секретар на РСС, а комисијата на политичките директори постигна консензус за заедничката декларација на Самитот во Скопје што беше прифатена од министрите и ќе се одобри од претставниците на денешниот самит“, изјави Османи.

Заменик-министерката за надворешни работи на Албанија, Артемис Маљо, во својот говор ја истакна важноста на ПСЈИЕ за регионалната соработка во сите сфери, нагласувајќи ги политичката волја и посветеноста на Албанија во следното претседавање.

„Нашето мото е ‘Да ја обликуваме нашата европска иднина’. Тирана како претседавач ќе биде целосно посветена на консолидација и натамошно унапредување на достигнувањата. Дополнително ќе придонесе за зајакнување на регионалната соработка преку зголемување на соработката за имплементација на заедничкиот регионален пазар, како и унапредување на процесот на европска интеграција“, рече Маљо.

Заедничката конференција на дипломатите на Северна Македонија и Албанија дојде по средбата на министрите за надворешни работи на земјите учеснички на ПСЈИЕ.

Во текот на денот ќе се одржи Самит на шефови на држави и влади на земјите учеснички на ПСЈИЕ, чиј домаќин е претседателката на Северна Македонија, Гордана Силјановска-Давкова.

ПСЈИЕ е регионална иницијатива во која членуваат 13 земји: Северна Македонија, Туркије, Албанија, Косово, Босна и Херцеговина, Бугарија, Грција, Романија, Србија, Хрватска, Молдавија, Црна Гора и Словенија.