Двајца туристи од Хонг Конг се изгубиле на Матка, ги пронашла полицијата

Двајца туристи од Хонг Конг се загубиле во кањонот Матка во реонот на манастирот „Свети Никола Шишевски“, по што биле пронајдени од екипа од полициската станица Сарај преку единствениот број за итни случаи 112.

Повикот за помош е примен вчера во 18:10 часот преку мобилен телефон без картичка. На англиски јазик од единствениот број за итни случаи го известиле вработениот дека се изгубени и дека имаат минимални количини храна и вода.

„Операторот задолжен за единствениот број за итни случаи 112 во ЦУК долго време е во комуникација со нив и ги координирал да најдат нешто препознатливо во нивната околина. Откако го пронашле знакот на патот кон манастирот „Свети Никола Шишевски“, операторот од 112 во ЦУК им рекол да останат блиску до знакот на патот. После тоа веднаш било координирано со МВР за нивно пронаоѓање и безбедно повлекување“, изјавија од ЦУК.

Туристите биле пронајдени синоќа во 20:15 часот.