Словачка и Унгарија изразија противење на претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп, кој бара европските земји да го намалат увозот на руска нафта и гас.
Тие рекоа дека ќе се спротивстават на оваа одлука сè додека ЕУ не обезбеди соодветни извори на енергија, објави Блумберг.
Словачката министерка за економија Дениса Сакова истакна дека пред какво било намалување на увозот на руска енергија, прво треба да се воспостави потребната инфраструктура за алтернативни енергетски правци.
– Пред да можеме целосно да се обврземе, мора да ги имаме соодветните услови, во спротивно ризикуваме сериозна штета на нашата индустрија и економија – рече Сакова.
Унгарскиот министер за економија Гергељ Гуљас повтори дека Унгарија нема да поддржи никакви иницијативи на ЕУ што ја загрозуваат безбедноста на снабдувањето со енергија на земјата, вклучително и плановите за намалување на увозот на руска енергија.
За време на разговорот со американскиот министер за енергетика Крис Рајт, во Виена оваа недела, Сакова „јасно ја искажа позицијата на Словачка“.
Рајт, рече таа, изрази разбирање, признавајќи дека САД мора да ги поддржат енергетските проекти во Европа.
Сепак, словачката влада е подготвена да ги прекине енергетските врски со Русија, под услов да се развие соодветна инфраструктура за транспорт на енергетски производи.
Словачка веќе увезува една третина од својата нафта од алтернативни извори, вклучувајќи го балканскиот регион и Унгарија, а во последниве години ги диверзифицираше своите извори на гас преку флексибилни договори со западните добавувачи.
Унгарија, која исто така зависи од руските енергетски извори, смета дека санкциите на ЕУ против Русија се неефикасни и ќе продолжи да ги блокира сите иницијативи што ги загрозуваат нејзините енергетски интереси.
– Кога тоа ќе оди директно против унгарските интереси, како што е набавката на енергија, ние ќе ставиме вето – рече Гуљас.