Над две третини од граѓаните сметаат дека земјава има неквалитетно образование, покажува последното истражување на јавното мислење што за „Детектор“ го спроведе Институтот за политички истражувања Скопје.
Според истражувањето, 69,7 проценти сметаат дека образованието е неквалитетно додека 26,8 проценти сметаат спротивно.
Споредбата со анкетите што „Детектор“ ги спроведуваше во последните пет години покажува дека годинава перцепцијата е дека има најлош квалитет на образованието. Ако во 2019 година 47,4 проценти сметале дека имаме неквалитетно образование, во 2023 година тој процент изнесува 57,3 проценти, за сега да достигне 69,7 проценти.
Педесет и еден процент од анкетираните сметаат дека земјава има полошо образование во однос на земјите од регионот, а 26 проценти се на ставот дека има слично образование. Само пет проценти се изјасниле дека образованието во земјава е подобро во однос на она од земјите во регионот.
Како причина за лошиот образовен процес и за ниските места на светските мерења за квалитетот на образованието граѓаните гледаат повеќе фактори. 28,9 проценти сметаат дека тоа е лошата наставна програма, 22,6 проценти лошиот наставен кадар, 18,3 проценти лошиот квалитет на учебниците, а 7,5 проценти како фактор ги навеле лошите услови во училиштата.
– Анализата на одговорите на граѓаните на ова прашање во анкетите низ годините покажува дека пораснал бројот на граѓаните кои за лошиот квалитет на образованието ја обвинуваат наставната програма и неквалитетните учебници, додека се намалил бројот на граѓани кои како причина ги гледаат лошите услови во училиштата – велат од Детектор.
Образованието односно просекот на оценките на основното, средното и високото образование е слаба „тројка“ и тоа на самата граница со „двојка“. Најлоша оценка има основното образование, на самата граница меѓу два и три е средното образование, а со тројка е оценети високото образование.
Спојувањето на повеќе предмети во еден не го поддржуваат 68,9 проценти од граѓаните, а само 20,9 проценти од анкетираните дале поддршка. Против дигитализација на учебниците се изјасниле 84,4 проценти од анкетираните.
Граѓаните се поделени и околу воведувањето на пролетниот распуст иако мнозинството не даваат поддршка на оваа реформа. 43,7 проценти се изјасниле „против“, а 39,1 проценти даваат поддршка.
Истражувањето е спроведено врз репрезентативен примерок од 1.116 во периодот од 23 до 26 мај годинава.