– ВМРО-ДПМНЕ денеска во Берово организираше дебата „Важно е да нема опструкции за работа на општините“ со учество на градоначалниците на Битола, Штип и Велес кои се од редовите на таа партија.
Како што соопшти партискиот Центар за комуникации, претседателот на Комисијата за локална самоуправа на ВМРО-ДПМНЕ, Марјан Ристески истакнал дека градоначалниците од нивната партија наследиле „многу катастрофални состојби“, поради тоа што централната власт не се справувала добро со економската, енергетската и ковид-кризата.
-Наследија, пред се, катастрофално финансиски општини со големи долгови, исто така кадровски неекипирани, општини без проекти, рекол Ристески на дебатата организирана во рамки на теренската акција „Важно е! Од тебе зависат промените“.
Според него, Владата кон општините се однесува „за некој мајка, за некој маќеа“, а Министерството за локална самоуправа е „нем посматрач“ на нивните проблеми.
-Ресорното министерство, кое треба да се грижи за развојот, за унапредувањето на децентрализацијата, посебно фискалната децентрализација, приливот на финансиски средства од централниот буџет на локално ниво е нем посматрач во целокупната оваа проблематика, истакнал Ристески.
Од министерот за локална самоуправа Ристо Пенов очекува со неговото искуство како екс градоначалник да придонесе во подобро функционирање на општините и во нивното поврзување со Владата.
Градоначалникот на Битола, Тони Коњановски на дебатата соопштил дека се соочувале со опструкција од централната власт за време на енергетската криза.
Како што рекол, добивале енормно високи цени за улично осветлување односно за еден месец им стигнало сметка од 7,5 милиони евра, па во консултација со стручните лица им било сугерирано од слободниот пазар да се префрлат на регулиран пазар. По промената, цената на сметката значително им се намалила.
-Тоа значеше големо растеретување. Ги искористивме регулативите од Законот за енергетика кој тоа го овозможуваше… Тоа го ускладивме сите општини и сметките паднаа драстично, истакнал Коњановски и додал дека со префрлање на општината на регулиран пазар, општината Битола заштедила 38 милиони денари од мај до декември 2022.
Градоначалникот на Штип, Иван Јорданов, на дебатата, соопштува Центарот за комуникацвии на ВМРО-ДПМН, рекол дека во моментот кога станал градоначалник, добил известување од Министерството за финансии дека општината подигнала кредит во 2000 година којшто дотогаш, повеќе од 20 години, не бил сервисиран на годишно и на месечно ниво и поради тоа каматната стапка неколкукратно го надминала основниот. Износот на долгот бил речиси 5 милиони евра.
-Ние како нова локална власт практично презедовме обврска да враќаме кредит и камати од некои минати времиња… Се нафативме затоа што немавме друг избор, рекол Јорданов.
Како општина побарале потврда од Владата дека постојат и, како што рекол, две години ја чекаат таа одлука за да може од општинската обврзница да се финансираат капитални инфраструктурни проекти. Според него, ускратено им е основното право за развој на општина Штип.
Градоначалникот на Велес, Марко Колев, пак, соопштил дека се соочиле со одземање на ингеренциите од страна на централната власт.
-Од ДПИ скоро секој ден имавме инспекции во сите училишта кои се под локална власт, и првото одземање на ингеренциите беше во средното стручно училиште „Димитрија Чуповски“, каде што ние имавме сериозни индиции за проневера на сериозни финансиски средства за работи кои се платени, а не се извршени и се нотирани во ревизорскиот извештај. И тоа беше одземањето на ингеренциите за првото училиште. Во основните училишта не се одземаа ингеренции, туку на сила се поставуваа директори. Најново е случувањето во градинката, каде што не само мене, туку и на Советот, ни ги земаат ингеренциите, истакнал Колев.