Неверојатен инцидент се случил во градинка во Сиднеј, каде што дедо погрешно го зел и го однел дома туѓото дете, што предизвикало итна истрага од страна на властите. Мажот дошол да го земе својот внук од градинката „Први чекори“ во јужното предградие Бангор во понеделник попладне, но наместо тоа зел дома друго момче кое спиело во затемнета соба, јавува Би-Би-Си.
„Само ми кажаа дека носи шорцеви“
Пропустот бил откриен дури кога мајката на едногодишното дете кое било однесено пристигнала да го земе своето дете и сфатила дека го нема.
„Не можам да го опишам чувството“, изјавила таа за „Сиднеј морнинг хералд“, барајќи да остане анонимна.
„Не можеа да ми го кажат името на човекот, не можеа да ми кажат кој е, не можеа да ми кажат кого треба да земе. Не можеа да објаснат како изгледал, освен што носел шорцеви и бил постар господин“, рекла шокираната мајка.

Иако центрите за грижа за деца имаат строги безбедносни протоколи според кои само родители, старатели или овластени лица за нега имаат право да ги земаат децата, мајката нагласи дека не го обвинува дедото за оваа грешка: „Не сме лути на него. Не сме лути на него – ја обвинуваме градинката“.
Сопругата на дедото кој ги заменил децата изјавила за „Сиднеј морнинг хералд“ дека нејзиниот сопруг бил „скршен“ и дека „ја презел одговорноста за грешката“.
„Кога сфатил, многу брзо го вратил тоа дете“, додала жената.
Градинка суспендира наставничка
„Први чекори“ потврдија за Би-Би-Си дека наставничката вклучена во инцидентот е суспендирана.
„Искрено им се извинуваме на семејствата директно вклучени во овој длабоко вознемирувачки и изолиран инцидент“, изјави директорката на градинката, Триша Хасти.
Таа нагласи дека вакво нешто никогаш порано не се случило и дека тие ги засилиле процедурите за „да се осигурат дека ова никогаш повеќе нема да се случи“.
Регулаторната управа за рано детство и грижа на Нов Јужен Велс потврди дека е во тек истрага за „длабоко загрижувачки и сериозен инцидент“. Случајот доаѓа во време на зголемено внимание на јавноста насочено кон безбедноста во австралиските центри за грижа за деца, по законските измени објавени минатиот месец за подобрување на безбедносните стандарди.