Делегација од најстарото српско богословско училиште во прва посета на Северна Македонија

 Ректорот на богословското училиште „св.Арсениј”, Сремски Карловац, Република Србија и дванаесетмината ученици од завршна година од денеска се на еднонеделна, прва официјална посета на нашата држава.

По приемот во манастирот Св.Јоаким Осоговски од страна на свештенството и Митрополитот Кумановско -Осоговски, г.Григориј, беа гости и на градоначалникот на Општина Крива Паланка, Сашко Митовски. 

– Со благослов на Светиот српски синод и Македонската православна црква -ОА, за првпат остваруваме посета на Северна Македонија по обновувањето на братските, духовни врски со македонската православна црква. Чест ни е што сме вака срдечно и домаќински прифатени, топло пречекани со широко срце уште на првиот ден,овде во Крива Паланка и верувајте задоволство ми е што следните седум дена ќе бидеме гости во државата, рече протојереј ставрофор Јован Милановиќ, ректор на  Богословското училиште “св.Арсениј” од Сремски Карловац, Р.Србија.

Градоначалникот на Општина Крива Паланка истакна дека задоволство му е да биде домаќин и да говори за Крива Паланка, градот со два светители: св.Јоаким Осоговски и св.Јоаким Крчовски, пред гостите да ги претстави историските, социо – економски прилики во Крива Паланка и да ги презентираат културно -историските и туристички особености, со акцент на можностите за создавање верски и културен туризам во општината во контекст на светите места што пленат со своите убавини и привлекуваат бројни туристи од регионот и пошироко.

Делегацијата од богословско училиште ќе направи духовно-туристичка обиколка на Северна Македонија со посета на: Скопје, Охрид, Тетово, Битола, Прилеп.