Делфини им ги скршиле ребрата на пливачите и им ги изгризале рацете! Цел ден траела паниката меѓу туристите на плажа во Јапонија (ФОТО)

Јапонските власти соопштија дека четворица капачи биле нападнати од делфини денеска во близина на плажата во централниот дел на земјата!

Би-би-си јавува дека делфин му ги скршил ребрата на 60-годишен маж кога налетал на него на неколку метри од плажата Суишохама во градот Михама, во префектурата Фукуи.

Се зборува дека делфинот го каснал и несреќникот за рацете. Се наведува дека и на друг турист на околу 40 години му биле каснати раце во посебен инцидент што се случил на таа популарна плажа во текот на утрото.

Подоцна во текот на денот, морските цицачи нападнале уште две лица на истото место.

Локалната полиција соопшти дека од почетокот на оваа година во префектурата се регистрирани шест напади на делфини врз луѓе. Затоа има знаци кои ги предупредуваат капачите да не им приоѓаат и да не ги допираат делфините.

Би-би-си известува дека делфините обично не се агресивни кон луѓето, но можат да бидат непријателски настроени кога ќе им се доближат капачите.

Научниците веруваат дека дивите делфини можат да го доживеат пливањето во близина на луѓето како „исклучително стресно“, а исто така откриле докази за ненадејни промени во вообичаеното однесување на овие морски животни.

Во Република Ирска, еден ист делфин повреди две жени во рок од десет дена во 2013 година, при што им скрши едно ребро.

Една година подоцна, пет пливачи морале да бидат спасени кога делфин почнал агресивно да кружи околу нив.

Би-Би-Си наведува дека делфините, освен што се непријателски настроени кон луѓето, понекогаш можат да бидат и крајно насилни кон другите морски суштества.