Делхи ги отфрли обвинувањата на Отава за индиска вмешаност во убиството на активист на Сиките во Канада
Министерството за надворешни работи на Индија ги отфрли обвинувањата на канадскиот премиер Џастин Трудо за индиска вмешаност во убиството на активист на Сиките како „апсурдни и мотивирани“.
Форин Офисот објави соопштение во кое се вели дека на неодамнешниот самит на Г20, Трудо упатил такви обвинувања против индискиот премиер Нарендра Моди.
„Таквите неосновани обвинувања имаат за цел да го оддалечат фокусот од терористите и екстремистите од Калистан на кои им е дадено засолниште во Канада и продолжуваат да го загрозуваат суверенитетот и територијалниот интегритет на Индија“, се вели во текстот. Индија е вознемирена од неактивноста на канадската влада, нагласи Министерството.
Изјавата дојде откако Канада вчера протера висок индиски дипломат поради истрагата за наводите дека индиската влада можеби е вмешана во убиството на активист на Сиките во Канада.
Во меѓувреме, Вашингтон изрази загриженост поради забелешките на Трудо.
„Длабоко сме вознемирени од наводите… на премиерот Трудо. Остануваме во постојан контакт со нашите канадски партнери. Од клучно значење е канадската истрага да продолжи и сторителите да бидат изведени пред лицето на правдата“, рече Адријан Вотсон, портпарол на Советот за национална безбедност на Белата куќа.