Денеска ќе биде погребан митрополитот Дебарско-кичевски, господин Тимотеј, кој почина неодамна поради здравствени проблеми. Погребот ќе се одржи на Плаошник во Охрид, на пладне, во јужната апсида на храмот „Свети Пантелејмон“.
Церемонијата ќе започне во 9 часот со света литургија во црквата „Света Софија“, која ќе ја предводи Архиепископот Охридски и Македонски, г.г. Стефан, со сослужение на епархиските архијереи на Македонската православна црква и претставници од други православни цркви.
По повод упокојувањето на владиката Тимотеј, Општина Охрид го прогласи денешниот ден за Ден на жалост и се откажани сите културно-забавни настани на територијата на општината. Митрополит Тимотеј раководеше со Дебарско-кичевската епархија од 1981 година и беше активен во многу други одговорни функции во Македонската православна црква, вклучувајќи ја и функцијата секретар на Синодот и портпарол на МПЦ.