Членките на НАТО алијансата ќе се состанат денеска и утре во Брисел за да разговараат за поддршката за Украина и нивната обврска да издвојат два отсто од својот бруто домашен производ за одбраната.
Денешниот состанок не е официјален настан на самиот НАТО, туку собир на сојузниците кои ја поддржуваат Украина, организиран од Соединетите Американски Држави.
Вистинската средба на министрите на земјите членки на Алијансата ќе биде утре, пренесува Телеграфи.
Разговорите во седиштето на алијансата во Брисел беа засенети од поранешниот американски претседател Доналд Трамп, кој им рече на приврзаниците на предизборниот митинг во саботата дека ќе ја „охрабри“ Русија да ги „нападне“ членките на НАТО, кои не трошат доволно за одбрана.
Од 2006 година, земјите-членки се согласија да одвојат два отсто од својот БДП за одбраната, но само неколку го постигнаа тоа.
Откако Русија ја прошири својата окупација на Крим и Донбас на остатокот од украинската територија во февруари 2022 година, земјите-членки на НАТО, првенствено Германија, ја потврдија својата посветеност за постигнување на целта од 2006 година.
Германскиот Бундестаг одобри државен буџет со кој во 2024 година ќе се издвојуваат два отсто од БДП за одбраната. Целта на утрешните дебати е да се обидат да поттикнат повеќе сојузнички земји да ги исполнат своите обврски.
Тие ќе разговараат и за приемот на Шведска во НАТО, кој заглави откако унгарскиот парламент не ја ратификуваше одлуката за тоа, и покрај ветувањата од владата на премиерот Виктор Орбан дека Унгарија нема да биде последната земја-членка што ќе го ратификува членството на Шведска.